Се тестираат нови 12 сомнителни на коронавирус, меѓу нив и 8 комшии на двојката од Дебар

На Инфективната клиника има седум пациенти и сите се во стабилна состојба, со лесна клиничка слика, а никој нема потреба од респиратор.

759

Нови 12 лица се тестираат дали се заразени со коронавирусот, а резултати ќе има за два часа, додека наскоро си заминува дома првата заболена.

– Сега се тестираат нови 12 сомнителни на коронавирус на Инфективната клиника, од кои двајца со  група патувале во Италија и здрави се вратиле пред 5-6 дена, но утрово добиле симптоми на грип. Материјали се земени и од осум лица од Дебар кои се комшии на тројцата хоспитализирани пациенти, имаат куќа -лепенка и оствариле интензивни контакти со заболената двојка. Двајца нови сомнителни се од инфективното одделение од Штип, инаку се од Кочани – еден бил во Италија, а еден е од Центарот за јавно здравје во Прилеп – изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.






На Инфективната клиника има седум пациенти и сите се во стабилна состојба, со лесна клиничка слика, а никој нема потреба од респиратор.

– Контролниот тест на првата пациентка е негативен и следните денови таа ќе си оди дома – вели министерот.

Тој потврди дека нема пријавени сомнителни кои контактирале со заболената директорка на кожната клиника, сите кои се во изолација засега се здрави и без симптоми, а нагласи дека вчерашните мерките и препораките од Владата, важат за сите – и за приватните компании. За евентуално непочитување на мерките, поради опасноста од ширење заразна болест следат одредбите од Кривичниот законик, членот 205 и 206, односно парични казни и казна затвор.

 

Поврзани содржини