СЕ ТЕСТИРААТ КАМЕРИТЕ ВО КУМАНОВО И ВО ТЕТОВО Полицијата најави привремени прекини во сообраќајот
Активностите ќе се одвиваат од 8 до 20 часот, а системот од 1 февруари ќе почне со автоматско санкционирање на четири клучни прекршоци.
Министерството за внатрешни работи денеска, во рамки на проектот „Безбеден град“, ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на уредите за сообраќаен надзор на подрачјето на Куманово и Тетово.
Како што информираат од МВР, активностите ќе се реализираат во периодот од 08:00 до 20:00 часот. На секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко – од 15 до 30 минути.
За време на спроведувањето на активностите, сообраќајот на конкретната локација привремено нема да се пропушта, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
„Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања и да покажат разбирање, трпение и соработка, со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности“, се наведува во соопштението од МВР.
Во меѓувреме, началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, изјави дека сообраќајот во главниот град е значително смирен по тест-периодот на системот „Безбеден град“. Според него, граѓаните веднаш реагирале на воведувањето на опомените и драстично го намалиле бројот на прекршоците.
Топаловски истакна дека новиот систем ќе регистрира четири клучни прекршоци кои најмногу ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување нерегистрирано возило и неправилно паркирање.
– Преку опомените, народот многу брзо изреагира во тест-периодот. Беше известен, знаеше што претстои и веднаш го смири своето возење. Со тоа покажавме дека можеме да ги почитуваме правилата исто како и земјите кои одамна го имаат овој систем – изјави Топаловски во подкастот „Радар“ со Сотир Костов.
Тој нагласи дека реакцијата била толку брза што бројот на прекршоци се намалил повеќе од трипати – од над 110 илјади на околу 30 илјади за само неколку дена.
– Нема систем што може да обработи толку прекршоци. Но, граѓаните на самата опомена го намалија нивото на брзо возење – додаде тој.
Топаловски појасни дека и понатаму ќе се санкционираат и други прекршоци, како неносење сигурносен појас или користење мобилен телефон при возење, но преку системот „Безбеден град“ автоматски ќе се регистрираат само четирите приоритетни категории.
По усвојувањето на измените на Законот за прекршоци во Собранието, познати се и глобите за непочитување на сообраќајните правила. За пречекорување на брзината до 20 километри на час глобата изнесува 20 евра, од 20 до 30 километри – 45 евра, од 30 до 50 километри – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци, а над 50 километри – 400 евра, четири казнени поени и забрана од најмалку една година. Во населено место казните се повисоки и може да достигнат до 500 евра.
За минување на црвено светло предвидена е глоба од 250 евра и забрана за управување од три до 12 месеци, додека за управување возило со истечена сообраќајна дозвола глобата е 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот. Казните за непрописно паркирање се движат од 30 до 50 евра, во зависност од тежината на прекршокот.
Доколку глобата се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. По истекот на рокот, задолжително се плаќа целиот износ, со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години автоматски ја губи возачката дозвола.
Собранието во петокот со 81 глас „за“ го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, со што од 1 февруари стартува системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, насочен кон зголемена безбедност и заштита на човечките животи.