СЕ СТЕСНУВА КРУГОТ НА ОНИЕ КОИ МОЖЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО УНИЈАТА Австралија, Канада и Аргентина тргнати од препорачаната листа на ЕУ
Сепак, списокот е само препорака и многу земји на ЕУ имаат свои правила за патниците кои пристигнуваат од земји кои не се членки на ЕУ, кои редовно се ажурираат на веб-страницата reopen.europa.eu
ЕУ ги отстрани Австралија, Канада и Аргентина од препорачаната листа на земји од кои патниците, дури и невакцинирани, можат лесно да влезат на територијата на Унијата.
Одлуката, договорена од амбасадорите на 27-те земји на ЕУ, е донесена поради растечкиот број на заразени со коронавирус во тие три земји поради варијантата омикрон.
Тие сега се во иста група како и повеќето земји во светот, за кои ЕУ препорачува ограничувања.
Сепак, списокот е само препорака и многу земји на ЕУ имаат свои правила за патниците кои пристигнуваат од земји кои не се членки на ЕУ, кои редовно се ажурираат на веб-страницата reopen.europa.eu
– Несуштинските патувања во ЕУ од земји или ентитети кои не се вклучени во списокот… подлежат на привремени ограничувања за патување – се вели во соопштението на Европскиот совет што ги претставува земјите-членки на ЕУ.
Се забележува дека одлуката „не влијае на можноста земјите-членки да го укинат привременото ограничување за несуштинските патувања во ЕУ за целосно вакцинирани патници“.
На списокот моментално се 13 држави за кои ЕУ вели дека земјите-членки треба “постепено да ги укинат“ ограничувањата за патување, вклучувајќи ги Чиле, Нов Зеланд, Руанда и Саудиска Арабија. Технички, Кина е исто така на списокот, но под услов реципрочно да ги укине патните ограничувања за жителите на ЕУ, нешто што Пекинг, кој води политика на „нулта Ковид“, не го прави.