СЕ СТАБИЛИЗИРА ПРЕВОЗОТ ВО СКОПЈЕ Околу 180 автобуси на ЈСП сообраќаат низ градот
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека се зголемил бројот на функционални автобуси и дека се работи на нови набавки и БРТ систем.
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска, одговарајќи на советничко прашање, нагласи дека е подобрена состојбата со јавниот превоз. Потенцира дека во моментот 180 автобуси сообраќаат на линиите.
Одговарајќи на советничко прашање, градоначалникот нагласи дека е зголемен бројот на функционални автобуси на ЈСП Скопје, како и ангажманот на приватните превозници.
– Од состојба на речиси 130 наши автобуси кои беа во функција, сега во моментот од гаражите излегуваат по 90 автобуси. Значи, имаме зголемено за 50 функционални автобуси во изминатиот период или бројката е 180 автобуси што сообраќаат на линиите, а се сопственост на ЈСП Скопје – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е зголемен и бројот на автобуси кај приватните превозници, кои претходно одбивале да сообраќаат на дел од линиите, главно поради долговите што се таложеле со години.
Според градоначалникот, локалната власт вложува максимални напори за стабилизирање на јавниот превоз, иако признава дека состојбата сè уште не е идеална.
– Дали е идеална или таква каква што сакаме да биде? Далеку е од тоа. Не е. Но, тоа ќе го решиме при завршување на целиот процес за набавката на автобусите, од една страна, и дополнително БРТ, знаете дека е еден од проектите на кои работиме со силен интензитет – изјави Ѓорѓиевски.