СЕ СПОЈУВААТ КАРДИОЛОГИЈА И КАРДИОХИРУРГИЈА Владата формира единствен центар за срцеви болести
Со одлуката треба да се подобри координацијата, да се зголеми бројот на интервенции и да се намалат административните пречки за пациентите.
Владата одлучи да ги спои Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел пациентите со срцеви заболувања да добијат поефикасен и покоординиран третман, информира Министерството за здравство на Северна Македонија.
Одлуката, како што посочуваат од Министерството, била донесена на последната владина седница одржана минатиот вторник, на нивен предлог. Со спојувањето треба подобро да се искористат човечките, просторните и технолошките ресурси на двете установи.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека со ова се формира единствен терциерен центар за кардиоваскуларна медицина.
— Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес — од превенција и дијагностика до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот — појасни Алиу.
Според Министерството, со интеграцијата ќе се зголеми искористеноста на капацитетите и бројот на интервенции, преку поврзување на лабораториските, стерилизациските и операционите служби.
Пациентите, како што се наведува, ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на една установа, без административни пречки и чекање трансфер, што треба да значи поголема достапност и континуитет на услугите.
Од Министерството додаваат дека спојувањето ќе има ефект и врз образованието и науката, преку создавање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти и супспецијализанти, како и за развој на научни програми.