СЕ СООЧУВАМЕ СО ВЕШТАЧКА ОСКУДИЦА Паниката ги збриша рафтовите
Владата и денеска повторно апелира граѓаните да бидат сигурни дека нема да има ценовен шок и дека прехранбени производи и горива има. Инспекциските служби на терен утврдуваат кој е виновен за празните полици и редиците на бензиските - трговците или граѓаните.
Испразнети полици во продавниците, редици пред бензински пумпи. Граѓаните во паника од најавите дека цените ќе растат и дека ќе има недостиг на одредени продукти прават домашни резерви и без да размислуваат за последиците се ставаат во опасност. Ситуацијата ја подгрева и слично однесување на граѓаните во соседството.
Владата и денеска повторно апелира граѓаните да бидат сигурни дека нема да има ценовен шок и дека прехранбени производи и горива има. Инспекциските служби на терен утврдуваат дали се во прашање трговците или граѓаните за празните полици и редиците на бензинските.
Експерти, пак, сметаат, дека ненавремените и половични информации само ја подгреваат паниката.
Граѓаните деновиве се посебно вознемирени од состојбата со цените на горивата и најавите за повисоки цени на прехранбените производи. Дел од нив веќе поитаа да направат резерви, за не дај боже и овде да се случат некакви немири или да снема храна во продавниците.
– И покрај тоа што знам дека колку и да направам резерви од храна и од горива, дека нема да ми стигнат ако има некакви немири и кај нас, сепак вчера во продавница несвесно посегнав по конзерви, макарони, брашно. Се прашувам што ќе им правам ако има некакви немири и ако бидам принудена да бегам од дома. Зарем ќе го носам со себе тоа? Но, целата состојба со војната која е далеку од нас и сите тие информации за тоа дека сѐ поскапува создава несигурност – вели скопјанка.
Друга, пак, вели дека кога сите прават резерви, не е можно како да одолееш на таа еуфорија.
– Гледам сите купуваат резерви, се туркаат пред полиците во продавниците, и јас го направив истото. Не знам за колку време ќе може да направам резерви, но сепак купив потрајни производи – вели таа.
Трета скопјанка, пак, која живее во петчлено семејство, сведочи дека сакала да купи две пакувања шпагети во еден маркет, колку што вообичаено трошат за еден оброк, но таму ѝ рекле дека може да купи само едно за да остане и за други муштерии.
Кога нема точни информации од надлежните или кога тие даваат спротивставени изјави се случува ваква ситуација. Граѓаните се несигурни и панично купуваат производи, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Според него, состојбата беше очекувана и за тоа придонесуваат јавните настапи на одговорните во државата.
– Наместо да излезат и отворено да кажат дека ситуацијата е тешка и ако не денеска можеби утре ќе имаме проблеми како последица на случувањата во Украина и пазарите на нафта гас и прехранбени продукти, нашите министри секојдневно на телевизија се обидуваат да извлечат поени во прилог на нив самите и ја замајуваат јавноста со лаги дека сѐ е добро, дека нема потреба од паника. Велат, будно ја следат ситуацијата. Па, велам, нели тоа им е работата, за тоа ги плаќаме и нема потреба да го кажуваат тоа. Дополнително преземаат некои мерки, па ги менуваат за да видат луѓето дека работат нешто. Сето тоа доведува до недоверба кај граѓаните и отвора можност за вакво панично расположение – вели тој.
Хајредини вели дека состојбата е тешка и главно е резултат на надворешни случувања, но тоа не значи дека владата треба да крие дека доколку потрае ќе има дополнителни проблеми, бидејќи граѓаните тоа треба да го знаат, тоа треба да го знаат и бизнисите кон кои владата најчесто ги насочува рестриктивните мерки.
– И бизнисите се несигурни. Прво владата им ги ограничи цените, па сега маржите. Вели не помага приватен бизнис, а истура пари преку државни компании во приватните енергетски компании. Сето тоа влијае на целата состојба – додава тој.
И социолозите велат дека се работи за општа несигурност предизвикана од ситуацијата во Украина и психолошката војна која се води околу неа.
– Паниката е оправдана од аспект дека одамна во Европа немало ваков конфликт во кој се вклучени сите можни орудија за војна. Од директна до психолошка која најмногу влијае на човекот. Тоа од граѓаните се доживува како несигурност за себе и за семејството, а таа несигурност доведува до панично однесување – велат тие.
Моментално, поради високата недоверба и спротивставените изјави на власта и опозицијата не може со сигурност да се каже дали во земјава има недостиг од одредени продукти. Власта вели сѐ е под контрола, а опозицијата се сомнева дека државните резерви се полни.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го повтори својот став дека државава нема доволно стокови резерви.
– Граѓаните ја чувствуваат неизвесноста за основните прехранбени продукти, затоа што во еден ден имавме можност да слушнеме 3 различни изјави во врска со стоковите резерви, дека истите се стабилни, за истиот ден од соседна Србија да слушнеме дека Владата на Македонија испратила барање за испорака на 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка. Дали стоковите резерви биле празни што Владата се решила на ваков чекор и на тој начин Македонија е ставена во ситуација на неизвесност? Ако стоковите резерви за пченка и пченица се полни, тогаш зошто не се пушти во оптек дел од пченицата со што ќе се спречеше пораст на цената на брашното и лебот? Или можеби и ова е уште една невистина, па пченицата која ќе ја добиеме од Србија е единствената на која може да сметаме? Владата треба да одговори и што направила во врска со неопходните резерви на гориво, и дали во земјава има доволно? – прашаа денеска од партијата.
Владата и денеска апелираше граѓаните да останат смирени бидејќи трговските капацитети редовно се снабдуваат со потребните стоки, како што е и со горивата. Оттаму уверуваат дека има доволно резерви кај компаниите и во државните резерви и дека безбедносната состојба во земјата е добра, а денарот стабилен.
– Имаме задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката. Апелираме дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават резерви од гориво поради безбедносни причини – велат од владата.
Синоќа и од Регулаторната комисија за енергетика соопштија дека нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво. Активирани се и инспекциските служби кои треба да ја утврдат фактичката состојба.
– Според закон, забрането е да се ограничува продажбата. Ние го информиравме Државниот пазарен инспекторат кои веднаш излегоа на терен. Ги очекуваме информациите. Но, со оглед на тоа дека малите трговци не ги лиценцираме, очекуваме сите институции да реагираат во рамките на своите надлежности – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
И увозниците на нафта и деривати соопштија дека и покрај тоа што се наоѓаат во тешки услови, снабдувањето на пазарот со горива е нормално. Апелираат граѓаните да не прават непотребни резерви кои непрописно ги складираат за да не се доведат во опасност.
„Поради новонастанатата глобално-политичка ситуација, како резултат на којашто има неколкукратно зголемување на цените на сите нафтени деривати, компаниите што се дел од оваа економска гранка се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, што подразбира и работа со загуба. Имајќи ја предвид долгогодишната традиција и професионални капацитети, компанијата и во овие особено тешки и комплексни услови ќе продолжи да работи без застој и рестрикции, со цел и граѓаните и компаниите без проблеми да функционираат“, наведе во соопштението „Макпетрол“.
И од мелничко-пекарската индустрија изјавија дека имаат доволно резерви и дека набавките на пченица се одвиваат според утврдените термини од договорите потпишани со партнерите од кои го вршат увозот. Компаниите имаат резерви од 1 до 3 месеци.