СЕ СМЕАМ ПРЕД ГРОБ ШТО САМО ЈАС ГО ЗНАМ На сите наши сеништа еднаш мора да им кажеме „Збогум“!
Преку ликот на Ида зборува една тажна жена со сериозна животна зрелост и со искуствена мудрост, жена која пропуштила многу шанси да создаде подобра верзија на својот живот, но сепак ја зграпчила последната.
За тоа колку е важно да се има завршница на нештата што нѐ мачат за да може да се продолжи понатаму во животот, пишува италијанската писателка Надја Теранова во нејзиниот роман „Збогум, сеништа“ во издание на Антолог (2022) и со одличен превод од италијански јазик на Калина Јанева.
Мајката ја замолува својата триесет и шестгодишна ќерка Ида да дојде во семејниот дом на островот Сицилија за да ѝ помогне во расчистувањето на спомените во куќата, зашто сака да ја продаде. Ида живее во Рим со својот сопруг Пјетро и работи во радиостаница каде има своја емисија во која, како што вели, раскажува лажни вистински приказни за луѓето.
Неволно доаѓа во родниот дом зашто од таму ги понела со себе само тагата, загубата, надежта, прекинатото детство, погрешниот правец во животот…
Нејзиниот татко кој подолго време бил депресивен и не станувал од креветот, еден ден кога таа имала 13 години, заминал од домот и никогаш повеќе не се вратил, а будилникот застанал на шест и шеснаесет. Дали починал, дали се изгубил, Ида и мајка ѝ никогаш не дознале. Тоа сениште ја прогонува Ида целиот живот – од своето тело, на студиите, во љубовта, во бракот, во работата, во односот со мајка ѝ, со пријателите… Тоа сениште ја турка во осаменост, во отуѓеност и во бесмисла. Нема деца, нема пријатели, нема близок контакт со мајка си, а веќе се оддалечува и од сопругот, кој ѝ станува како „стар неискористен речник“.
Повторното враќање „на местото на злосторството“ е одново соочување со загубата која ги родила сите болки во нејзиниот живот. Средбата со младиот мајстор кој ѝ ја раскажува приказната дека не може да си прости што ја однел во трагична смрт својата тајна и најголема љубов, ја отрезнува – дека не е сама на светот. И други луѓе имаат свои трагедии, свои сеништа што ги прогонуваат, свои страшила на кои им даваат крила и ги хранат со својата немоќ да расчистат со минатото и да тргнат напред.
Ида, конечно сфаќа што треба да прави. Нејзиниот излез е во скриената црвена кутија, каде тајно ги чува лулето и лентата со гласот на татка си. Таа ги зема и ги фрла во морето, закопувајќи ја така секирата помеѓу себе и своето минато.
„…мојот театар ќе остане празен. Татко ми излегува од сцената. … Се смеам ли се смеам. Се смеам и едно време завршува во шум на нурнување, во морето што се отвора и голта без да врати. Се смеам и пак се смеам, пред гроб што само јас го знам; а часовничето на мојот зглоб конечно означува шест и седумнаесет.“
Во ликот на Ида, авторката Теранова ни ги прикажува најинтимните човечки размисли и искуства, за кои дури ни со најблиските не со зборува, а тие толку гласно татнат во нас. Романот е разголување на една душа, која никогаш и не побарала помош, ни соговорник, која го изгубила компасот кога исчезнал нејзиниот водич, татко ѝ. Талкала во животот, водена од своите стравови и од своите надежи, а главно се препуштала на стихијата верувајќи дека „ако му се случи на телото, не се случило вистински“.
Преку ликот на Ида зборува една тажна жена со сериозна животна зрелост и со искуствена мудрост, жена која пропуштила многу шанси да создаде подобра верзија на својот живот, но сепак ја зграпчила последната.
„Задржувавме сѐ, не за да го обележиме минатото, туку да ја смилостивиме иднината; … требаше да се има верба во предметите и никогаш да не се направи превид и да се фрлат. Не чувавме за да се сеќаваме, туку за да се надеваме…“, вели во почетокот на романот Ида, не знаејќи во тој миг дека сета нејзина надеж 23 години била заклучена во една црвена кутија, за која конечно дошло време да се отклучи.