Се скарал со мајка му, ја заклучил и ги нападнал полицајците, тепачка во Жена парк
Две лица изработувале и продавале фалсификувано оружје.
ЈА ЗАКЛУЧИЛ МАЈКА МУ И ГИ НАПАДНАЛ ПОЛИЦАЈЦИТЕ – СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.А.(23) од с.Љубодраг, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „противправно лишување од слобода“ и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 03.11.2020 во семејната куќа во с.Љубодраг, пријавениот, по вербална расправија, ја заклучил неговата мајка Н.А.(44) во нивниот дом, заканувајќи се да не повика полиција. Со помош на соседи таа повикала полиција, а откако Н.А. ги забележал полициските службеници, се обидел со остар предмет да ги повреди, по што самиот си нанел повреди. По укажаната помош во кумановската Болница пријавениот, на 04.11.2020 бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор К’шање.
ИЗРАБОТУВАЛЕ И ПРОДАВАЛЕ ФАЛСИФИКУВАНО ОРУЖЈЕ – СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.В.(70) од с.Слатински Чифлик, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали“ и „фалсификување на огнено оружје“ и против У.В.(37) од с.Лескоец, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали“ и „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. При претрес во домот на В.В. биле пронајдени и одземени една ловна пушка „Моссберг“, еден пиштол „Црвена Застава“ и 22 куршуми со различен калибар, за кои не поседувал дозвола за држење и користење, додека при претрес во домот на второпријавениот била пронајдена марихуана.
ИСЧЕЗНАЛО ЛИЦЕ ОД ДОМ ЗА СТАРИ – На 04.11.2020 во 13.15 часот во Полициската станица Ѓорче Петров било пријавено дека В.В.(63), за кого на 02.11.2020 беше пријавено дека се оддалечил од приватна установа за заштита на стари лица во с.Волково, скопско, бил вратен во установата.
СЕ СТЕПАЛЕ ВО ЖЕНА ПАРК – На 04.11.2020 во 23.10 часот било пријавено дека во паркот „Жена борец“ во Скопје бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.П.(41) и Р.К.(46), двајцата од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
УКРАЛ АГРЕГАТ ОД БАЗНА СТАНИЦА – На 04.11.2020 во СВР Битола било пријавено дека во периодот од 14.08.2020 до моментот на пријавување непознат сторител извршил тешка кражба на агрегат за предавател на базна станица, сопственост на мобилен оператор, во атар на с.Слепче, демирхисарско. Според пријавеното, сторителот со употреба на сила и подесен алат влегол во базната станица и ги одзел составните делови на агрегатот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОГРАБЕНА АПТЕКА ВО СКОПЈЕ – На 04.11.2020 во 15.00 чaсот во СВР Скопје било пријавено дека околу 14.30 часот во аптека на ул.„Индира Ганди“ во Скопје едно лице со закана од вработената одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
НАПАДНАТО ЛИЦЕ ВО ТЕТОВО – СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.И.(63) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 22.01.2020 на ул.„Јане Сандански“ во Тетово, пријавениот физички го нападнал Б.Ќ.(25) од с.Шемшово, тетовско.
ГО ТЕПАЛЕ И МУ ГО КРШЕЛЕ ВОЗИЛОТО – СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Е.(18), С.Б.(22) и Ј.Б.(31), тројцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.08.2020 во Тетово, А.Е. физички го нападнал В.Ј.(31) од Тетово, а С.Б. и Ј.Б. удирале по неговото возило.
ГО УДИРАЛ СО ЛОВЕЧКА ПУШКА – СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.А.(68) од с.Чифлик, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 13.10.2020 во с.Чифлик, тетовско, пријавениот, по вербална расправија поради претходни недоразбирања, физички го нападнал Р.М.(75) од с.Чифлик, удирајќи го со ловечка пушка.
ПРОНАЈДЕН ХЕРИОН КАЈ ЛИЦА ОД КАВАДАРЦИ – СВР Велес поднесе кривична пријава против П.М.(38) и Љ.С.К.(43), двајцата од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 22.05.2020 на ул,,Благоја Крстиќ“, по извршена купопродажба на наркотична дрога помеѓу П.М и И.М., полициски службеници го сопреле И.М. и при преглед кај него бил пронајден хероин. Потоа, со судска наредба бил извршен претрес во домот на П.М., каде била затекната неговата невенчана сопруга Љ.С.К. При преглед кај неа и во домот бил пронајден хероин.
УКРАЛ ФОТОГРАФИИ ОД ДЕВОЈКА И НАПРАВИЛ ЛАЖЕН ПРОФИЛ – СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Џ.(19) од с.Боговиње, тетовско, поради постооење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, на социјалната мрежа “Instagram” креирал лажни профили за кои прибирал, обработувал и користел лични податоци на малолетничка од тетовско село, со што ѝ наштетил на нејзините чест и углед. Пријавениот бил лишен од слобода и приведен во просториите на СВР Тетово за понатамошна постапка.
СО ТВРД ПРЕДМЕТ ЈА НАПАДНАЛ СОПРУГАТА – На 04.11.2020 во 22.45 часот во СВР Велес било пријавено дека 57 – годишна жена од Велес била физички нападната со тврд предмет од нејзиниот 57-годишен сопруг. Сопругот бил лишен од слобда и приведен во Полициската станица Велес, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.