СЕ РАСЧИСТУВА ХАОСОТ ПРЕД ПУНКТОТ „ПРОЛЕТ“ Од утре фотографирањето за лични документи само со закажување
Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок. Истовремено, ослободените термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации, велат од МВР.
Од утре пунктот за фотографирање за лични документи во Полициската станица „Пролет“ ќе работи со закажување.
Како што информираат од МВР, термините за жителите на Скопје до крајот на 2024 година ќе се презакажат, за да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето на лични документи
„Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин, во многу пократок рок. Истовремено, ослободените термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации“, соопштија од МВР.
Од утре (среда, 7 февруари) во склоп на пунктот во „Пролет“ ќе работат 14 базни станици, кадешто граѓаните ќе можат да се фотографираат. Од понеделник ќе се воведе и фотографирање во втора смена.
Граѓаните кои сакаат да си закажат термин за фотографирање за лични документи, ќе можат тоа да го направат телефонски. Закажувањето преку интернет нема да биде можно во наредните денови, поради тегхнички причини.