СЕ РАБОТИ НА ПРЕКУОКЕАНСКИ ЛЕТОВИ ДО СЕВЕРНА АМЕРИКА Авиолинијата Женева-Скопје е огромен успех

За да се исплатливи прекуокеанските летови треба да има и повеќе патници, но, јас сум умерен оптимист дека Скопје може да стане третиот аеродром на Балканот од каде што ќе се лета прекуокеански, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

2,617

Женева-Скопје е авиолинијата што ја бараше дијаспората и на нивно барање од оваа година стартуваме со редовни летови на таа релација, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Алфа.

– Со промената на политиката на субвенционирање ги најдовме слабостите и решивме да одиме со нова политика. Таа политика дава резултати, бидејќи за 6 месеци воведуваме 9 нови дестинации – рече Николоски.






Од Скопје се воведени нови линии кон Барселона, Лион, Дубаи, Штутграт и кон Амстердам, а од Охрид кон Базел и кон Истанбул.

– Женева-Скопје е огромен успех. Голема македонска дијаспора живее во Швајцарија и во Франција. И ова многу ќе значи за нашата дијаспора. Досега требаше да го користат приштинскиот аеродром за да дојдат или да одат преку конектинг летови. Втората значајна линија што ја воведуваме е од Париз, од аеродромот Орли до Скопје. Аеродромот Орли е само на петнаесетина километри од популарната Шанзелизе улица. Така што очекувам и многу туристи од Франција да доаѓаат во Македонија и да ја користат оваа поволност. Дополнително очекувам и други линии во наредниот период – потенцираше вицепремиерот Николоски.

Тој најави и дека работи и на вовдување на прекуокеански летови.

– Многу работам на тоа. Тоа е доста покомплицирана операција. Имајќи предвид дека се потребни посебни безбедносни протоколи, но, исто така, за да се исплатливи тие летови треба да има и повеќе патници. Но, сум умерен оптимист дека Скопје може да стане третиот аеродром на Балканот од каде што ќе се лета прекуокеански. За Скопје и за Македонија ќе значи многу ако имаме и ние ваков лет, тоа ќе значи многу за развој на туризмот, за бизисот и ќе значи и за имиџот на Македонија, бидеќи ќе биде на мапата на прекуокеански летови. Го таргетираме северноамериканскиот континент – истакна вицепремиерот Николоски.

Поврзани содржини