СЕ ПРАВИ БАЗА НА ПОДАТОЦИ ЗА ЦРКВИ И ЗА МАНАСТИРИ Ќе биде од корист за секој љубител на културното наследство

Во рамки на двегодишниот проект предвидено е да биде направен увид на вкупно 700 православни сакрални објекти, што ќе послужи за изработка на специјализирана база на податоци која ќе дава препораки за превентивни и заштитни конзерваторски интервенции за недвижното православно културно наследство.

201

Наесен ќе биде ставена во употреба специјализирана база на податоци поврзани со недвижното православно културно наследство, која ќе дава препораки за превентивни и заштитни конзерваторски интервенции.

– Специјализираната база на податоци ќе биде достапна онлајн и ќе содржи информации во однос на опфатените православни објекти како: основни податоци за црквата/манастирот, опис, состојба, претходни интервенции на доброто, зачуваност на изворната состојба/автентичност и интегритет и препораки за заштитни интервенции, кои ќе му користат на секој познавач или љубител на православното културно наследство. Истата планирано е да биде ставена во употреба на есен – соопштија од ИКОМОС Македонија.






Во текот на мај, јуни и јули извршен е мониторинг на вкупно 253 православни сакрални објекти (цркви и манастири) во осумте епархии на МПЦ-ОА, што се наоѓаат на територијата на земјава, во рамки на двегодишниот проект „Мониторинг на православното културно наследство“ спроведeн од ИКОМОС Македонија, во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а со финансиска поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.

– Во Скопската и во Повардарската епархија извршен е увид на вкупно 48 православни добра, во Дебарско-кичевската епархија на 71, во Преспанско-пелагониската епархија извршен е увид на 46 православни објекти, во Тетовско-гостиварската и во Кумановско-осоговската епархија на 50, а во Струмичката и во Брегалничката епархија извршен е увид на состојбата на 38 православни објекти – се наведува во соопштението од ИКОМОС Македонија.

Мониторингот го спроведуваат пет стручни тимови од ИКОМОС Македонија во текот на летните месеци, благодарение и на срдечната соработка со надлежните лица од епархиите на МПЦ-ОА и со локалното население во посетените општини.

 

Поврзани содржини