СЕ ПОТТИКНУВА ШТЕДЕЊЕТО ВО ДЕНАРИ Народна банка ја зголеми стапката на задолжителна резерва на банките
Целта на зголемувањето на задолжитлната резерва на банките е дополнително да се зајакне улогата на овој инструмент во поттикнување на штедењето во домашна валута и на подолги рокови.
Се зголемува стапката на задолжителната резерва на девизните обврски со рочност до 2 години од 21% на 22%, додека за девизните обврски со рочност над 2 години банките ќе имаат обврска да издвојуваат задолжителна резерва по двојно повисока стапка, од досегашната 5% на 10%. Истовремено се зголемува и процентот на исполнување на пресметаната обврска за задолжителната резерва врз основа на девизните обврски којашто се исполнува во евра, од 85% на 90%.
Вака одлучи Советот на Народната банка на последната седница.
Целта на зголемувањето на задолжитлната резерва на банките е дополнително да се зајакне улогата на овој инструмент во поттикнување на штедењето во домашна валута и на подолги рокови. Овие промени претставуваат и дополнителна поддршка на монетарната политика на централната банка.
Со одлуката стапката на издвојување на задолжителната резерва на обврските во домашна валута е зголемена од 8% на 9%.
-Со цел поддршка на долгорочното денарско штедење и натамошно зголемување на стабилноста на депозитната база на банките, промените предвидуваат и нормализирање на стапката на задолжителната резерва којашто се применува на денарските депозити на физичките лица со рочност над една до две години, од тековната стапка од 0% на 9%- појаснуваат од Народната банка.
Најголемиот дел од мерките ќе се применуваат од периодот на задолжителната резерва којшто започнува во ноември 2025 година, освен кај нормализацијата на стапката на задолжителната резерва на денарските обврски со рочност над една до две години, за која е предвидена одложена примена од околу 14 месеци и можност банките соодветно да ги приспособат своите практики во овој период.
Се очекува промените во системот за задолжителната резерва да придонесат за приспособување на каматните политики на банките за да се зголеми понудата на попривлечни долгорочни денарски инструменти за штедење на клиентите.
– Со тоа, дополнително ќе се зајакнат тековните поволни поместувања во депозитната база на банките, коишто водат кон зголемување на структурното учество на штедењето во денари и на подолг рок – велат од Народна банка.