Се постапуваат патокази и инфотабли на Водно и Скопска Црна Гора
На Водно, ќе се постават 42 патокази и 6 инфотабли, додека на Скопска Црна Гора ќе се постават 12 патокази и 2 инфотабли.
На планинарските патеки на Водно и на Скопска Црна Гора се поставуваат патоказни и инфотабли кои ќе овозможат полесно и побезбедно движење во природа, како дел од пилот-проектот за маркирање на планинарски и велосипедски патеки низ Скопје.
– На Водно, ќе поставиме 42 патокази и 6 инфотабли, а новина е што ќе поставиме и 12 патокази и 2 инфотабли и на Скопска Црна Гора и ќе го префрлиме фокусот и на другата планина која ја ограничува Скопската котлина. Целта е на граѓаните на Скопје и на посетителите на Водно да им помогнеме со поставување на нова и квалитетна сигнализација, а движењето да го направиме полесно, поедноставно и попрегледно – рече градоначалникот Петре Шилегов кој заедно со амбасадорот на Република Чешка во РСМ, Мирослав Томан беа на Средно Водно.
Тој потсети дека кога пред три години Градот Скопје почна со организираното паркирање на Водно беше речено дека средствата што ќе се слеваат од наплатата на паркирањето ќе бидат вратени за уредување на планината.
– Нашата идеја беше да го пренесеме нашето знаење овде и да ги поврземе луѓето за да работат заедно. Република Северна Македонија е прекрасна земја, со убава природа, планини и езера и треба да се размислува како да се привлечат што повеќе туристи да ја посетат. Што повеќе мапи и патеки имате за локалните жители, но и за туристите, толку повеќе луѓе ќе дојдат и ќе ја запознаат оваа убава земја – рече Томан.
Пилот-проектот на Федерацијата за планинарство за маркирање на планинарски и велосипедски патеки низ Скопје е поддржан од Градот Скопје и од Чешката амбасада преку програмата на Чешката Република за развој и соработка за финансирање на мали проекти.