СЕ ПОДГОТВУВА СВАДБА НА ГОДИНАТА? Се шпекулира дека Дуа Липа ќе се омажи за Калум Тарнер во луксузна вила во Палермо

Гласините за свадбата на Дуа Липа и Калум Тарнер започнаа оваа година кога италијанскиот трачерски сајт Dagospia, објавил дека Липа била видена во ресторан во долг разговор со Алесандра Грило, една од најпознатите организатори на свадби во Италија.

1

Сѐ погласни се гласините дека една од најголемите поп-ѕвезди денес, Дуа Липа, наскоро би можела да ја организира „свадбата на годината“ со британскиот актер Калум Тарнер. Иако нема официјална потврда, ниту објавен датум, ниту коментар од нивните тимови, низ медиумите веќе кружат детали што ја подгреваат приказната.

Сепак, гласините не се без основа и започнаа претходно оваа година кога италијанскиот озборувачки сајт Dagospia, како што објави wantedinrome.com, објави дека Липа била видена во ресторан во долг разговор со Алесандра Грило.

Таа е една од најбараните организатори на свадби во Италија, чија листа на клиенти вклучува некои од најзначајните настани одржани на италијанска почва во последните години. Оваа средба предизвика низа шпекулации во италијанскиот печат.

Потоа дојде поспецифично тврдење: дека Вила Игеа, легендарна палата во стилот Арт Нуво во Палермо со поглед на Заливот, била резервирана за настанот, кој ќе се одржи од 5 до 7 септември.

Ова место важи за едно од најексклузивните на Сицилија – со децении се користи за елитни свадби, а таму престојувале и кралски семејства и бројни познати личности. Затоа и се спомнува како можна сцена за спектакуларна тридневна свадба.

Врската на Дуа Липа со Палермо е добро документирана и јавна. Во летото 2025 година, таа помина неколку дена во градот со својот партнер Калум Тарнер, британскиот актер и потенцијален нов Џејмс Бонд, кога јавно ја објавија својата врска, иако се заедно од 2024 година.

Двојката престојуваше во Вила Игеа, ја посети Палатинската капела, катедралата и црквата Санта Катерина, се шетаа по Виа Македа, јадеа каноли и пиеја аперитиви со поглед на морето.

Кога пејачката ги објави фотографиите од патувањето, напиша: „Палермо во моето срце“ – реченица што сега многумина ја толкуваат како симболична најава.

Подоцна, на концерт во Приштина, повторно зборуваше со воодушевување за градот, издвојувајќи ги локалните јадења како едни од најубавите искуства.

Иако ништо не е официјално потврдено, комбинацијата од информации, можната резервација и нејзината очигледна поврзаност со овој град создаваат сериозна основа за гласините.

Дали навистина се подготвува свадба што ќе го привлече вниманието на целиот свет – останува да се види. Но ако се случи, сигурно ќе биде настан за паметење.

Поврзани содржини