СЕ ОЧЕКУВА ЗАСТОЈ НА МАКЕДОНСКО-ГРЧКАТА ГРАНИЦА Штрајкуваат грчките цариници

Камионите и останатите товарни возила не можат ниту да влезат, ниту да излезат од Грција додека трае штрајкот.

20

Патниците кои утрово се упатија кон Грција треба да сметаат на подолго задржување на граничните премини поради предупредувачкиот штрајк на грчките царински службеници, кој се одржува во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време.

Ограничувањата се однесуваат на сите три гранични премини меѓу Македонија и Грција – Евзони (Богородица), Ники (Меџитлија) и Дојрани (Дојран). За време на протестот, патничките возила се пропуштаат во интервали од по десет минути, што создава забавен проток и можни колони.






За разлика од патничките автомобили, товарниот сообраќај е целосно запрен. Камионите и останатите товарни возила не можат ниту да влезат, ниту да излезат од Грција додека трае штрајкот.

Грчките царински службеници со протестот бараат подобри услови за работа и исплата на додатоци за прекувремена работа, сменска работа, работа за време на празници и викенди. Според нивните најави, ова е предупредувачки штрајк што ги опфаќа сите копнени гранични премини во земјата.

Од македонското Министерство за внатрешни работи информираа дека граничните служби од македонска страна работат непречено и според редовните процедури. Посочуваат дека се ангажирани сите потребни човечки и технички ресурси и дека евентуалните задржувања ќе зависат исклучиво од динамиката на работа на грчките гранични служби. Граѓаните се повикуваат да бидат трпеливи и, доколку е можно, патувањето да го прилагодат на периодот по завршувањето на штрајкот.

Поврзани содржини