СЕ ОЧЕКУВА ДА ПРИСТИГНАТ НАЈМАЛКУ МИЛИОН ЛУЃЕ Лондон се подготвува за погребот на Елизабета Втора

Аеродромот „Хитроу" утре ќе откаже повеќе од 100 летови за да спречи звукот на авионите кои прелетуваат да ја нарушат погребната служба во Вестминстерската палата,

121

Лондонските транспортни власти соопштија дека се подготвуваат за пристигнување на околу еден милион луѓе за државниот погреб на кралицата Елизабета Втора. Началникот на транспортната служба, Енди Бајфорд, рече дека од смртта на кралицата на 8 септември, „јавниот превоз во британската престолнина почна да опслужува огромен број нови патници, но утре се очекува максимумот”. Аеродромот „Хитроу” наутро ќе откаже повеќе од 100 летови за да спречи звукот на авионите кои прелетуваат да ја нарушат погребната служба во Вестминстерската палата, како и полагањето на ковчегот во гробот во замокот Виндзор. Аеродромот во западен Лондон соопшти дека мерките ќе влијаат на 15 отсто од планираните 1.200 летови.

Во целата земја ќе се обезбедат 250 дополнителни услуги за патување долж железничката мрежа. Според Питер Хенди, раководител на британската железничка компанија „Нетворк реилс“, утре ќе се одржи „најголемата операција во јавниот превоз од Олимписките игри во 2012 година”.






Во меѓувреме, шефови на држави и влади, како и претставници на монархии од целиот свет пристигнуваат во Лондон за утрешниот погреб на кралицата Елизабета Втора. Американскиот претседател Џо Бајден, премиерите на Канада, Австралија, Нов Зеланд се меѓу 500 шефови на држави и официјални лица кои што ќе присуствуваат на погребот, што претставува собир на едно место на светски лидери, каков што не е виден со децении.

Македонија на највисоко ниво ќе ѝ оддаде почит на кралицата. На погребната церемонија ќе присуствува претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга.

Стотици луѓе веќе кампуваат за да го видат огромното испраќање во Вестминстерската опатија, додека илјадници чекаат со часови за да ѝ оддадат последна почит на кралицата.

Поврзани содржини