СЕ ОЧЕКУВА БЕНЗИНИТЕ ДА ПОЕВТИНАТ, А ДИЗЕЛОТ ДА ОСТАНЕ СО ИСТА ЦЕНА Мицкоски убедува дека е стабилна состојбата со резерви на гориво
Премиерот рече дека цел на последните владини мерки е да се заштити стандардот на граѓаните.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на цената на бензините по намалувањето на акцизата, продолжувањето на намалениот ДДВ за горива на 10% и продолжувањето на попустот од страна на Окта.
Тој реле и дека не очекува поголема промена во цената на дизелот.
– Со вчерашната одлука на влада, овозможивме Регулаторна комисија за енергетика денеска да ги намали акцизите за дизел од 4 денари по литар, а за бензините од 2 денари по литар. Исто така во разговор со ОКТА, успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за попустот од 3 денари за дизел, и 2 денари за безоловен бензин. Кога сето ова ќе се стави во функција, тогаш за бензините треба да имаме и поевтина цена, а за дизел не би требало да имаме покачување на одредени бензински пумпи, и покрај тоа што имаме сериозна предизвикувачка состојба во државата – рече Мицкоски.
Тој додаде дека состојбата со резервите на горива е стабилна.
– Од аспект на количини сме стабилни. Зголемена е потрошувачката од 1,5 милиони литри на 2 милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени пограничните места. Ја продолживме мерката од 18 до 10% ДДВ, се со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисот – рече Мицкоски.
Тој додаде дека цел на владата е да стане фактор на стабилност во регионот.
-Она коешто претставува наша цел е да бидеме фактор на стабилност. И тоа го правиме. Онаа Македонија којашто коленичеше и молеше, верувале или не, повеќе не постои. Сега имаме Македонија којашто помага, од којашто бараат помош, којашто рефлектира стабилност во регионот, којашто е фактор на стабилност, зрелост, тоа е многу важно. И на тој начин ќе се однесуваме како Влада и во иднина. И ќе ја следиме состојбата – рече Мицкоски.
Тој додаде дека утринава откако стартуваа берзите на Исток, постепено продуктите ја намалуваат својата цена.
-Но, да видиме како ќе затвори денот и да видиме како ќе затвори неделата, за да можеме да имаме некаков репер околу цената на берзите. Да знаеме и какви ќе бидат цените на производите, односно дизел горивото и безоловниот 95 и 98 октански – рече Мицкоски.