СЕ ОБЈАВУВААТ ЕКСПЛИЦИТНИ ФОТОГРАФИИ НА ЖЕНИ И ДЕВОЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА Мажи повикуваат: „Пратете слики од нечесните“
Лицата ги уценуваат и им се закануваат на жртвите, а упатуваат и повици за да ги обелоденат, како што велат тие, „нечесните жени“.
Експлицитни приватни фотографии и видеа на жени и девојки се објавуваат на неколку социјални мрежи. Фотографиите се преземени од јавните профили, но и од приватни разговори на засегнатите, пишува ТВ 21.
Лицата ги уценуваат и им се закануваат на жртвите, а упатуваат и повици за да ги обелоденат, како што велат тие, „нечесните жени“. Целта на тоа, според активистката за правата на жени, Салија Бекир Халим, е валкање на честа и репутацијата на жените. Откако таа го крена гласот, беше објавена и нејзина слика.
Од МВР се известени за случајот и работат на приведувања. Од таму велат дека во текот на пандемијата оваа појава видно се зголемила и додаваат дека најчести жртви се жените, а најмногу младите девојки.
За ова, македонската полицијата во соработка со полициите на Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина, ја почна кампањата „Кажи не“, која има за цел борба против сексуалната злоупотреба на интернет.