СЕ НАДМИНУВААТ ПРОБЛЕМИТЕ СО ИСПЛАТАТА НА ПЕНЗИИ СО РЕПУБЛИКА СРПСКА Пензиските фондови на двете земји електронски ќе ги разменуваат податоците
Соработката на двата Фонда во наредниот период треба да се прошири со размена на други податоци со што ќе се олесни и забрза процесот на остварувањето на правата од оваа област.
Фондот на пензиското и инвалидското осигурување потпиша договор за електронска размена на податоци со Пензискиот фонд на Република Српска.
Со ова Пензискиот фонд го заокружи процесот на размена на податоците со државите од поранешна Југославија и го олеснува процесот на одобрување и исплата на пензиите на граѓаните кои работеле во земјите од поранешната федерација или сега живеат во тие земји.
Договорот предвидува размена на податоци потребни за редовна исплата на пензија и спречување на неосновани исплати поради смрт на корисникот на пензија меѓу двата фонда. Со него се регулира и целта, начинот на размена, обемот и видот на податоците кои се разменуваат и управувањето со нив, како и нивната заштита.
Соработката на двата фонда во наредниот период треба да се прошири со размена на други податоци со што ќе се олесни и забрза процесот на остварувањето на правата од оваа област.
Директорот на Фондот на ПИОСМ Никола Мемов рече дека со потпишувањето на овој Договор се заокружува регулирањето на размената на податоците од оваа област со државите од поранешна Југославија и претставува чекор напред во соработката што е секако во интерес и на корисниците на услугите на Фондот.
Директорот на Фондот на ПИО на Република Српска Младен Милиќ, рече дека размената на податоците треба да придонесе во точноста на податоците кои се користат и разменуваат. Тоа ќе овозможи да се исклучат можните грешки и да се подигне квалитетот на услугите за осигурениците од двете земји.
На средбата беше потпишан и Технички Протокол за спроведување на Договорот.