Се множат потресни сведоштва за тоа како актерот и професор Алексиќ сексуално злоупотребувал свои ученички

Додека адвокатот на Мирослав Алексиќ се жали на медиумски линч врз неговиот клиент, на социјалните мрежи врие од нови сведиштва – ги терал ученичките со него да вежбаат „еротски сцени“ во неговата канцеларија.

7,824

Додека во Вишото јавно обвинителство во Белград продолжува распитот на сведоците против Мирослав Мика Алексиќ (69), сопственик и шефот на училиште за глума, кого неколку студентки го обвинија за силување и сексуално злоставување, аферата добива нови, драматични димензии.

Денеска беше прекинато сослушувањето на третата девојка која даваше исказ. Адвокатот на Алексиќ, Зоран Јаковљевиќ, ја шокираше јавноста откако изјави дека ако продолжела медиумската хајка и линчувањето на неговиот клиент, тој ќе биде принуден да достави „некои материјали“. Ова тој го изјави откако претходно го напушти сослушувањето на актерката Ива Илинчиќ (24) во Обвинителството.






– Не сакам да работам така, но ако продолжи медиумската хајка и линчувањето на мојот клиент, ќе бидам принуден да доставам некои материјали, за да можеме да видиме дали некој толку е среќен и се смее, а претходно бил злоупотребуван. Создадени се ненормални услови за објективно донесување одлуки. Притисокот од јавноста е ненормален и владее целосна колективна хистерија. Се прашувам зошто ни е судење, да го раскинеме човекот и да завршиме сè веднаш – се пожали адвокатот.

Ден претходно, неколку часа емотивно сведочела актерката Милена Радуловиќ (25), која јавно поднесе обвинение против Алексиќ, а нејзе ѝ се придружија уште неколку актерки, поранешни ученички на школата за глума на Алексиќ. Тие сведочеле дека биле жртви на сексуално злоставување во периодот од 2008 до 2020 година, во време кога биле малолетни, или подоцна. По ова полицијата го уапси Алексиќ, а Вишиот суд му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Според белградските медиуми, најмалку 20 други девојки пријавиле во полиција дека и тие исто така биле жртви на Алексиќ. Еден од правните застапници на Ива Илинчиќ на новинарите им кажал дека Ива „изјавила точно и детално сè на што се сеќава“ и ги предупредил медиумите дека меѓу жртвите на Алексиќ има и малолетнички. Според него, новинарите помагаат да се подигне ова прашање на сегашното ниво со цел да се открие вистината и да се испрати порака за охрабрување до другите жртви да пријават насилство.

Мирослав Мика Алексиќ е познат филмски режисер, продуцент, сценарист, актер и педагог. Повеќе од 3.000 млади луѓе поминале низ работилниците на неговото училиште за глума. Но, по пријавата од Милена Радуловиќ и од неколку актерки од Белград, како и од четири актерки од Сараевската академија за драмски уметности, на социјалните мрежи се истури лавина од слични искуства и признанија на жртвите на професорот. Така, поранешни ученички обвинуваат дека тој ги снимал девојките додека сексуално ги злоставувал во неговата канцеларија. При тоа, ги уверувал своите жртви дека така „вежбаат кадар“ за еротски сцени и им нагласувал дека без нив не би можеле да се пробијат во филмскиот свет. Кога ќе завршел со изживувањето, Алексиќ им велел дека сега се соединети со Бога.

Колегите на Алексиќ, во шок и неверица, жестоко го осудуваат сексуалното вознемирување. Така, актерот и продуцент Драган Бјелогрлиќ им пружи поддршка и им се заблагодари на младите актерки Радуловиќ и Илинчиќ, но и на оние кои анонимно го пријавиле професорот. За белградски „Недељник“, Бјелогрлиќ напиша дека им се восхитува на Милена и Ива, како и на другите девојки кои решиле да зборуваат за наводната злоупотреба и, како што рече, да го испратат злосторникот во затвор.

„Девојките, до вчера девојчиња, жртви на монструозното злосторство, не само што храбро излегоа во јавноста со својата болка и длабоките лузни, туку се организираа и решија да го испратат злосторникот во затвор. Јас им се восхитувам и се поклонувам додека срцето се грчи над нивната огромна болка. Им благодарам до небото, што за разлика од претходните генерации, кои не ги осудувам, тие не сакаа да шетаат низ животот со наведнати глави, прифаќајќи го фактот дека живеат во општество кое е навикнато на неправда натрупана со децении“ – напиша Бјелогрлиќ.

И познатиот телевизиски водителк Миња Субота го коментираше случајот и им пружи поддршка на Милена Радуловиќ и на Ива Илинчиќ. Зборувајќи за школата на Алексиќ, Субота го обвини дека тој го злоупотребил талентот на девојките кои сакале да учат актерство глума и да се запишат на академија.

Меѓу другите, на жртвите на Алексиќ поддршка им дадоа и македонските актерки Весна Петрушевска и Тијана Дапчевиќ.

 

Поврзани содржини