СЕ КОПААТ БУНАРИ ЗА ПОЛЕВАЊЕ НА ПАРКОВИТЕ И ЗЕЛЕНИЛАТА Градоначалникот најави големи заштеди на питката вода од Рашче
Ѓорѓиевски појасни дека вакви бунари ќе се копаат низ повеќе места во Скопје, но и во приградските населби, каде ќе се субвенционира бушење за сопствени бунари.
На повеќе места во Скопје, почнувајќи од Градскиот парк, се копаат бунари за техничка вода, која би се користела за наводнување, со што се очекува да се намали огромната загуба на питка вода во главниот град, што изнесува до 60 отсто, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на почетокот на изградбата на Универзална сала.
– Во Градскиот парк се користела питка вода, а сега на повеќе места почнуваме со копање бунари, со цел да се намали употребата на водата од водоводниот систем. Ние имаме најквалитетна вода и оваа година изворите на Рашче се полни како никогаш досега, барем 25 години наназад, па ова лето нема да ги гледаме оние слики и голготи кои ги доживуваа граѓаните – рече Ѓорѓиевски.
Тој појасни дека вакви бунари ќе се копаат низ повеќе места во Скопје, но и во приградските населби, каде ќе се субвенционира бушење сопствени бунари.
Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека се работи на замена на водоводниот систем, онаму каде е стар и каде се забележани енормни загуби на вода. Деновиве, се почна со замена на водоводниот систем во Лисиче и Горно Лисиче.
– Така во етапи ќе се менува целата водоводна мрежа во целиот град – уверува Ѓорѓиевски, кој вели дека почнале и со замена на водоводни броила.
Градоначалникот Ѓорѓиевски се надева дека до крајот на неговиот мандат за половина ќе се намалат загубите на вода.