СЕ КОНСТИТУИРАШЕ МИРОВНИОТ СОВЕТ ЗА ГАЗА Од САД ќе добие 10 милијарди долари

„Мораме да склучиме значаен договор со Иран, или лоши работи ќе се случат“ - рече Трамп.

58

Американскиот претседател Доналд Трамп беше домаќин на дваесетина сојузници од различни земји во зградата на поранешниот Американски институт за мир во Вашингтон, каде денеска се конституираше Мировниот совет за Газа.

Претседателот Трамп рече дека САД ќе обезбедат 10 милијарди долари за иницијативата. Меѓу нејзините цели е и реконструкцијата на Газа.






– Заедно можеме да го оствариме сонот за трајна хармонија во регион растргнат од векови војна и страдање – рече Трамп, кој претходно зборуваше за изградба на туристички одморалишта во Газа.

Трамп не прецизираше како ќе се трошат средствата. Тој ќе има право на вето во рамките на телото. Земјите што бараат трајно членство, наместо двегодишен мандат, ќе треба да придонесат со 1 милијарда долари.

Мировниот совет беше формиран откако администрацијата на Трамп, во соработка со Катар и Египет, преговараше за прекин на огнот во октомври, со што завршија двегодишните разорни борби во Газа.

САД велат дека планот влегол во втора фаза, фокусирана на разоружување на палестинската милитантна група Хамас.

Регрутирањето за нови безбедносни сили во Газа започна во четвртокот.

– Целта е да се преземе контролата од Хамас – рече новоназначениот американски пратеник за Газа, Николај Младенов.

На состанокот се дискутирало и за создавање на Меѓународни сили за стабилизација за обезбедување безбедност во Газа. Се очекува Индонезија да игра клучна улога, откако најави дека ќе испрати до 8.000 војници доколку мисијата биде одобрена.

Во долгиот говор во кој ги напаѓаше своите домашни политички противници, Трамп го истакна порастот на берзите и ја нагласи својата улога во поддршката на странските лидери за време на изборите.

Трамп рече дека сака да склучи повеќе мировни договори.

– Лесен збор е да се каже, но тежок збор за да се постигне: мир – рече тој.

Трамп повтори дека Вашингтон бара сериозни отстапки од режимот во Техеран, почнувајќи од неговата нуклеарна програма.

– Мораме да склучиме значаен договор, или лоши работи ќе се случат – рече американскиот претседател. Тој предупреди дека во отсуство на договор, Вашингтон „можеби ќе мора да оди чекор понатаму“, додавајќи: „Веројатно ќе дознаете во следните 10 дена или така“.

Поврзани содржини