СЕ ИЗГОТВУВА РЕГИСТАР НА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ Лимани повика на конкретни промени за инклузивно и праведно општество

Како поединци, како заедници и како институции треба да направиме напори за отстранување на физичките бариери и за подобрување на воспитно-образовниот систем, така што ќе гарантираме дека сите деца и лица, ќе имаат еднакви можности, вели министерот за социјална политика, Фатмир Лимани. 

387

Денеска  светот го одбележува на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ден кој нè потсетува на нашата обврска и одговорност дека сите ние сме должни како општество да прилагодиме и да обезбедиме можности за користење и за развој на потенцијалот на секое лице, а особено на лицата со попреченост, рече денеска министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Министерпт и градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани го посетија Здружението на родители на деца со аутизам „Блуе Пазл“, кое е давател на услугата дневен престој за лица со попреченост.






– Лицата со попреченост често се соочуваат со различни бариери – не само физички, туку и социјални, емоционални и економски. Овие бариери не само што ги ограничуваат нивните можности, туку ја попречуваат нивната интеграција во општеството. Но, денес, да не зборуваме само за проблемите и  тешкотиите на лицата со попреченост. Овој ден е и повод да ја славиме нивната храброст, издржливост и неверојатните достигнувања – порача Лимани.

Овие лица, рече министерот, не треба да се перцепираат по нивата  попреченост, туку по способностите, талентите и потенцијалите.

– Единствениот начин да се создаде инклузивно општество е ако сите заедно работиме на тоа. Затоа, како поединци, како заедници и како институции, треба да направиме напори за отстранување на физичките бариери и за подобрување на воспитно-образовниот систем, така што ќе гарантираме дека сите деца и лица, ќе имаат еднакви можности – рече Лимани.

До денес во системот на социјалната заштита има 133 лиценцирани даватели на социјални услуги, кои овозможуваат на корисниците да водат независен живот, информираше министерот.

– Во текот на 2024 година, споредбено со претходните години, Министерството освен давателите на услугата дневен престој, кои во голема мера се под центрите за социјална работа, ја прошири мрежата на лиценцирани даватели на социјалната услуга – дневен престој со индивидуален третман. Само со оваа услуга имаме околу 396 корисници. Услугата лична асистенција, која се обезбедува од страна на четири лиценцирани даватели во повеќе општини, ја добиваат 880 корисници. Како најразвиена услуга во системот на социјалната заштита со најголема опфатеност на корисници е услугата помош и нега во домот, која ја користат 2.073 корисници – потенцира министерот.

Лимани информираше дека интензивно се работи на воведување тело кое ќе користи единствена методологија за проценка на попреченоста, заради остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, како и правата од социјалната и детската заштита врз основа на функционалност.

– Исто така, работиме на воведување и одржување на регистар на лица со попреченост, во кој ќе бидат сите податоци за лицата со попреченост кои се во системот на проценка, работно оспособување и професионална рехабилитација и корисниците на субвенции за вработување. Со ова ќе се овозможи лицата со попреченост да бидат конкурентни на отворениот пазар на труд и во таа насока е воведувањето на центри за професионална рехабилитација за работно оспособување на лицата со попреченост – рече Лимани.

Тој повика денешниот ден да биде поттик за конкретни промени во инфраструктурата и свеста која ќе создаде општество во кое сите ќе бидат еднакви.

– Денот на лицата со попреченост е настан и момент на соединување, за солидарност и за заедничко движење напред кон едно инклузивно и праведно општество – потенцира министерот Лимани.

 

 

Поврзани содржини