СЕ ГРАДАТ 5 УЧИЛИШТА И 4 СПОРТСКИ САЛИ, СЕ ОБНОВУВААТ 25 УЧИЛИШНИ ОБЈЕКТИ Вредноста на овие градежни зафати е над 16 милини евра
Изградбата на спортската сала во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кисела Вода ќе заврши до 1 септември, најави миистерката за образование, Весна Јаневска.
Во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во општина Кисела Вода се гради нова училишна спортска сала, која треба да биде завршена до почетокот на новата учебна година.
Објект има површина од 650 квадратни метри, а инвестицијата се реализира со буџетски средства во износ од 32 милиони денари (500.000 евра). Увид во градежните работи денеска извршија министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
– Ова е една од 30-те активни градежни инвестиции во училишни објекти и спортски сали што Министерството за образование и наука ги реализира во моментов во повеќе општини на територијата на државата. Се градат 4 нови спортски сали и 5 училишни објекти, се реконструираат 15 постојни сали и во 10 училишта има санациски зафати. Вкупната вредност на изградбата и на обновата на овие објекти е над 1 милијарда денари (16 милиони евра). Тука се завршени околу 60% од градежните работи и очекувам до 1 септември оваа сала да ја пуштиме во употреба – рече Јаневска.
Министерката додаде дека објектот ќе биде наменет за повеќе спортови, така што, наставата по физичко образование ќе биде значително унапредена. Салата ќе може да ја користат и спортски клубови и рекреативци по завршувањето на часовите.
Сите активни инвестиции ќе бидат заокружени до крајот на оваа година, рече Јаневска.
– Ова е потврда дека грижата на Владата и на МОН за подобри инфраструктурни услови е исклучително голема. Потсетувам дека од почетокот на мандатот досега се вложени повеќе од 4 милијарди денари, односно околу 67 милиони евра во подобрување на училишната инфраструктура и продолжуваме со исто темпоз – додаде министерката.
И градоначалничката на Кисела Вода посочи дека главен приоритет на општината е учениците да добијат современ простор за квалитетна настава.
– Паралелно со оваа сала, активно работиме и на новата спортска сала во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор, како и на капиталните проекти за доградба на училиштата „Невена Георгиева – Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“. Оваа меѓуинституционална синергија е клучот за реализација на ветеното, за создавање подобра иднина за најмладите во нашата општина – рече градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.