Сè е ново, сè е бело, во СДСМ и во село

Карикатурално делува овој нов СДСМ, вака ставен на бело, на хартија. Со Жерно што „му падна Северна", со Мали Фрчко што црта на маса, со Ана што „не е ДИК", со Александар „пералната" од Ѓорче, со Александар „раководител без кислород " на Ургентен, со затворските мангупџии „Сокол &Цо", о Венко па најмногу. Сите по добро запаметени, како црно на бело влеваат доверба, м?

497

Архивата е зае*ана работа, ми пиша еден познаник. Така си е, ама не му одговорив, секој си живее со тоа што го направил. Некој тука, некои во Дубаи, Грции, Канади. Секој со своето минато кон иднината. Освен „оние новите” во СДСМ.

Се фотографираат тие седнати на маса по изборот, новите. И „како нови“ може почнале канцелариски „ајс брејкинг гејм“. Мали Фрчко е најмлад, ги знае игрите.






И веднаш – сè е бело во СДСМ!

Сите се нови, бели, чисти души.

Не се знаат меѓу себе. Се запознаваат. И Македонија и светот треба допрва да ги запознаат, да излегуваат на телевизии да ги видат, да, овие новите.

Еве, си замислувам, и одма сум посигурен, да, откако Венче се екипира со новите Жерно, Ана и Фрчко џуниор, со Александровците од Ѓорче и од Аеродром, со Сокол, да ме бранат од „Мигранти“. Со „убермацедонише“, ксенофобија, со сè.

И на помош да го викнат оној Динко Валев, Бугаринот, што ловеше и тепаше мигранти, добрососедство да промовираат со лов на мигранти „како еден вид спорт“. Со паролата „Не за миграција од Африка, СДСМ е за бело“!

Така, баш социјалдемократски, смело – на бело!

Очекувам во таа насока и „паблик коалишн“, „ендорсементс“ за Фараж и за неговата антиимиграциона политика, откако се служат со неговите емисии. А кога Венко оди на социјалдемократски либерален самит за мигранти, ќе го сецнат од фотографии.

Терај, сè е ново, сè на бело да се иде!

Ау, луѓе! Многу ново, многу бело на толку црно во СДСМ!

За едно нешто сега можам (прости ми Боже) да се согласам со Заев – патриотизмот не што не им доликува, туку ни карикатурално не поминува!

Ја бранат, бре, овие Македонија!? Никогаш мигрантска! И никогаш Северна! Ете сега им е „Ѕеверна“, ја снема од настапите, ја снема и од демек новите тела, АКТ, МИЦКО, на пример.

Им текнало, стварно многу бело и ново, „хехенца“.

Еве предлог за црно – на бело: да се испита потеклото на она зданието на Водно, никнато додека Венко и Илир министеруваа тендераш во здравството, а народот умираше од корона. Па, да се испитаат документи за проценти од Венкота за вакцини од Кина. И да се испита и градбата на модуларните, имало ли игра со евтини материјали наплатени повеќе?

Па, ако не, на помош да дојде новиот Јавен обвиниел, откако оној стариот не ги отвори сите поднесени документи.

Црно – на бело!

Ама засега тоа е… Венко е за ново, за бело, за чисто СДСМ. Венко, наместо лидер, стана најголема „прајмтајм“ забава низ медиумите со гостувања. Венко раскажува, гледа мигранти. Доаѓаат, вели, ако не сега, на пролет, ако не на пролет, на лето! Па се надоврзува – ете и Руси, па Срби, српски свет, па тој лош свет на Орбан и „Маџарите“! И тие доаѓаат, ама истовремено и паѓаат, вели Венко.

Малку неразбирливо, ама се залетани во тоа ново, во тоа бело СДСМ.

Може следниот пат да објасни дали под „зрбски свет“ важи и доаѓањето, на пример, на некој од Србија да му пишува соопштенија за СДСМ?

Ај, има време…

До тогаш, само овој нов бел СДСМ да не нападне уште некој медиум и да не се скара со уредници. Ама можеби новиот бел Советодавен совет на новата Ана така советувал, за напад врз медиуми и врз новинари, исто како и врз Брисел?

Зошто побогу се закажал тој Самит во време кога тие сакале со прашање за мигрантите во Собранието да ја срушат власта во Македонија?

Карикатурално делува овој нов СДСМ, вака ставен на бело, на хартија. Со Жерно што „му падна Северна“, со Мали Фрчко што црта на маса, со Ана што „не е ДИК“, со Александар „пералната“ од Ѓорче, со Александар „раководител без кислород“ на Ургентен, со затворските мангупџии „Сокол &Цо“…

Со Венко па најмногу. Сите по добро запаметени, како црно на бело влеваат доверба, м?

Архивата е зае*ана работа. Така ми пиша еден познаник. Од Канада. Вакциниран во Србија. Меморијата и искусеното уште позае*ани. Ама па, вие си знаете.

Поврзани содржини