Се бориме против злото со Мерко и Мирко заедно

Значи, не станува збор за некаква борба против злото доколку му се испраќа поддршка на Рамиз Мерко во Струга.

4,115

На неколку дена до решавачкиот втор круг од локалните избори во Македонија, веќе на сите ни стана јасно дека шансите на СДСМ во обидот да го ублажи поразот од првиот круг, се сведени на тоа колку помош кандидадите за градоначалници на партијата ќе добијат од ДУИ.

Проста е работата. СДСМ не може да победи во Скопје, а и во некои други општини без поддршката на партијата на Али Ахмети, а тука пред сè мислам на Куманово. Токму битката за градоначалничката функција во овие два града ќе ја покаже на дело актуелната состојба во владината коалиција, но и подготвеноста на првенците на владејачката партија да го платат износот што ДУИ ќе го побара за помошта.






На сите ни е јасно дека нема да биде за џабе, напротив од СДСМ ќе мораат да дадат нешто големо за возврат.

Инаку, повициците за обединување, за одговарање на пораки на граѓаните што имаат некаква мака, како и за заедничка борба против злото, се само флоскули кои на Петре Шилегов или на било кој друг кандидат од владејачката коалиција нема да му донесат ниту еден глас повеќе. Доцна е меѓу двата круга да се бараат причините за поразот, а доцна е и да се бара излез од безизлезната ситуација. Во моментов се купува и продава, за секој глас се бара нешто за возврат, а тоа се секако јавните претпирјатија со кои располагаат општините или некои други концесии кои се лукративни за партиско владеење.

Затоа и „борбата со злото“ која премиерот Зоран Заев ја најави помпезно од говорница, треба да се разбере строго како дел кампањата, бидејќи тој веќе преговара, купува од злото и за тоа плаќа со народни пари. Бидејќи злото е власта претставена во ликот и делото на Никола Груевски, а не треба да се заборави дека негов верен партнер беше Али Ахмети, истиот човек од кого Зоки сега чека гласови.

Од една страна следува општа мобилизација во борбата со злото, а од друга страна „тикви се садат“ со Ахмети, зошто коалицијата „ни ора, ни копа“, но битно е да носи гласови.

На сите ни е јасно дека во политиката сите комбинаторики се можни, дека прагматизмот во голем број на случаи ги надминува идеолошките разлики. Но, токму затоа треба се престане со квалификување на политичките неистомисленици. Бидејќи така може да се разбере дека дел од злото се сите тие што не гласаа за СДСМ на изборите, а тоа се премногу луѓе за да некој во земјава, па макар тој се викал и Зоран Заев, може да извојува било каква победа.

Значи, не станува збор за некаква борба против злото доколку му се испраќа поддршка на Рамиз Мерко во Струга или, пак, може да се пронајде некаква логика во тежнеењето Мирко Попов гласови да ти носи. Ова второто нема врска со злото, само е глупаво и толку.

Поврзани содржини