СЕ БАРА ПРИТВОР ЗА ДИРЕКТОРОТ И ЗА РАКОВОДИТЕЛОТ ВО „КОМУНАЛНА“ Обвинителството отвори истрага за загрозување на животната средина со отпад

Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле да се создадат мали депонии на јавните и на сообраќајните површини, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и на водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето, соопшти Јавното обвинителство.

1,443

Јавното обвинителство отвори истрага против директорот на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, како и против раководителот во претпријатието, Аки Саити, кои полицијата вчера ги уапси поради несобирањето на ѓубрето во Скопје.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 2 лица поради сомненија за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230, став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот“, соопшти Јавното обвинителство.






Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад, како и со непрописното управување со отпадот, тие овозможиле во текот на овој месец да се создадат мали депонии на јавните и на сообраќајните површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, се додава во соопштението.

„Со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и на водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести. Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина, кои излегоа на терен по насоки на Јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ“, се веливо соопштението од Обвинителството.

Поради опасност од влијание врз сведоците и можноста за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

По измените на Кривичниот законик во март 2024 година, член 230, став 1 од КЗ гласи:

Тој што со оставање, фрлање, собирање, со непрописно транспортирање на една или повеќе поврзани пратки, со преработка или отстранување на отпадот, со создавање на депонии спротивно на прописите за заштита на животната средина, пропуштање на вршење надзор над собирањето, со транспортот и преработката, со непрописно управување со отпадот, или на друг начин ќе предизвика или може да предизвика значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот или водата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од една до 10 години.

Поврзани содржини