СЕ ЈАВИ И ЉУПЧО ПУТЕРОТ, СЕ ТОПИ НА ЖЕШКОВО Спреми се да одговараш, нема Коцевски да те штити долго, му порачува Трипуновски
Министерот за земјоделство реагира на критиките од поранешниот министер и ги истакнува резултатите на актуелната влада во земјоделството.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, јавно му возврати на поранешниот министер за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, во жестока реакција исполнета со обвинувања за корупција и криминал.
„Се јави Путерот, но веројатно со жешкото време се растопил, па замириса на мувла и криминал, кој го крие,“ напиша Трипуновски во својата реакција, упатувајќи му на Николовски да даде одговори за, како што вели, коруптивните договори и истрагите што ги чекаат кај главниот обвинител.
Во продолжение, Трипуновски детално ги наброја достигнувањата на актуелната влада во земјоделството:
– Исплатени се сите заостанати субвенции кои претходно не биле исплаќани со години.
– Земјата се распределува кај вистинските земјоделци, а не кај партиски пајташи кои ја земале за да ја издаваат во подзакуп.
– Земјоделците имаат пристап до сите програми, без посредници кои ќареле.
– Решен е откупот на сите земјоделски култури, спречувајќи производи да скапуваат на нивите.
– Откупните цени се на историски максимум.
– Се инвестира во системи за наводнување.
– Земјоделците имаат партнер во Министерството за земјоделство.
– Зголемено е производството на речиси сите земјоделски култури.
– Зголемен е извозот и девизниот прилив од земјоделски производи и преработки.
– Земјоделците имаат предвидливост во земјоделските политики и можат да планираат инвестиции на среден и долг рок.
Трипуновски го заврши својот настап со појаснување дека Николовски никогаш не работел во земјоделството и дека во времето кога го водел министерството бил под влијание на бизнис интересите на Заевци и блиски фирми.