СДСМ ШИРИ МУАБЕТИ ЗА ПОШИРОКО МНОЗИНСТВО Костадинов очекува секој пратеник да биде на висина на задачата за уставните измени
СДСМ разговара за проширување на мнозинството со сите коалициски партнери, коишто го прават парламентарното мнозинство, изјави вечерва потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов во емисијата „10 минути“ на ТВ21.
– СДСМ работи на зголемување на мнозинството со усогласување на програмските, политичките, кадровските потенцијали со потенцијалните нови коалициски партнери, без да се доведе во никаква корелација дека некој би требало да замине – нагласи Костадинов.
Тој додаде дека коалициската влада предводена од СДСМ се стреми кон најважниот процес и државна цел, а тоа е зачленувањето во ЕУ.
– СДСМ има јасни цели и програмски активности кои ги следат нашите стратешки цели, колку и да чинат рејтинг во одредени моменти и претставуваат главни стартешки цели на државата, за обезбедување на европската иднина на државата, зголемување на животниот стандард, подобрување на слободите и демократијата во нашето општество и заедница. СДСМ секогаш на пиедестал ги става овие стратешки цели на државата – нагласи Костадинов.
Во врска со уставните измени, Костадинов изрази надеж и очекување дека секој пратеник ќе биде на висина на задачата, за исполнување на стратешките цели на државата.
– Гледаме изминатиот период дека од најразлични страни се појавуваат одредени ретроградни елементи, на коишто можеби не им одговара тој процес, но сум речиси сигурен и убеден дека секој пратеник ќе покаже дека интересите на државата, обезбедувањето на европската иднина на државата, е заедничка стратешка цел – нагласи Костадинов.
Тој истакна дека сега е шансата да покажаме дека стратешките цели на државата треба да бидат заеднички, додавајќи дека ако се прашаат во ВМРО-ДПМНЕ и тие ќе кажат дека стратешка цел им е членство во ЕУ и дека и таму има луѓе кои сакаат прогрес на овој пат.
– Многу често во поблиското минато сме дискутирале за мнозинството за предвремени избори. Времето е сега, започнаа многу процеси, кои се многу значајни за нас, навистина колку и да беа тешки и болни, задржана и верифицирана е македонската посебност, македонскиот јазик и идентитет. Тоа не е доведено под знак прашање. Од сите нас зависи колку ќе бидеме ние Македонци – порача потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов во емисијата „10 минути“ на ТВ21.