„СДСМ ПОСАКУВА УБИСТВО НА ПРЕМИЕР“ Филипче да се огради од фотомонтажите против Мицкоски, а Обвинителството да реагира, бара ВМРО-ДПМНЕ
За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години ја злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и за партиски цели. Очигледно, СДСМ и структурите блиски до нив посакуваат убиство на премиер, на министер за внатрешни работи и на директор на јавна безбедност, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Најостро го осудуваме овој срамен, злонамерен и монструозен обид за политичка злоупотреба на трагичните настани во Кочани преку фотомонтажи и лажни обвинувања кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на Владата, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашање за коментар на фотографиите по социјалните мрежи во кои се вели дека конкретни виновници за пожарот во Кочани се Христијан Мицкоски, Панче Тошковски и Александар Јанев.
– За ВМРО-ДПМНЕ е јасно дека зад вакви обиди стојат структури блиски до Венко Филипче и неговите инсталации, кои со години ја злоупотребуваат политиката и јавниот простор за лични и за партиски цели. Очигледно, СДСМ и структурите блиски до нив посакуваат убиство на премиер, на министер за внатрешни работи и на директор на јавна безбедност. Во отсуство на проекти, во отсуство на програма, тие се обидуваат преку подмолен начин, еве преку овие фотомонтажи, преку пожари, преку потпалувања, да дојдат до некакво внимание во јавниот простор. Го повикуваме воедно и Филипче да се огради од овие фотомонтажи, дека не стои позади нив, во спротивно ќе се покаже дека тој лично ги има нарачано овие фотографии – рече Манасиевски.
ВМРО-ДПМНЕ повикува на итна реакција на надлежните институции, додаде тој.
– Не сакаме да веруваме дека некој сака повторно да предизвика болка, овојпат преку гнасна политичка злоупотреба на оваа трагедија. Воедно го повикуваме и Јавното обвинителство веднаш да постапи и да ги пронајде овие некрофили – рече Манасиевски.