СДСМ соопшти дека започнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која, како што велат од партијата, ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.
„Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика ‘Северна Македонија – Едно општество за сите’. Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на парите и капиталот кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме.
Новата Влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена која ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20%, со помал број министри и рационализација на јавните служби“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Владата за која разговара СДСМ, како што се додава во соопштението, на прво место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има новата македонска економија, „чии главни принципи се продолжување на раст на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор“.