СДСМ НЕМА ИДЕИ, ПА ЛАЖЕ ДЕКА НЕКОИ ПРАТЕНИЦИ НА ВМРО-ДПМНЕ ИМААТ БУГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО Злоупотребуваат, клеветат и шират манипулации
Потписници на измената на Законот за пратениците со кои се предвидува пратеник да има само македонско државјанство се токму актуелни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кои СДСМ наведува дека имаат и бугарско државјанство, вели пратеникот Антонио Милошоски.
СДСМ во недостиг на идеи шират манипулации за двојни државјанства на пратеници, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
– И во 2021 година и денес СДСМ не престана со злоупотреба, со шпекулации, во прашална форма, никогаш како конкретно тврдење, кој има, кој нема, ваков или таков пасош, во недостаток на други идеи, проекти или можеби поради внатрепартиски слабости. И во 2021 година преку нивниот тогашен сојузник Красимир Каракачанов и сега преку нивната веб страна, злоупотребуваат, клеветат и шират манипулации по однос на двојно државјанство на одредени колеги пратеници. Сметавме дека ова е еден начин како да го повториме нашиот став што го имавме од 2021 година, дека не се сменило ништо, и дека доколку некој смета дека единственото државјанство е концепт којшто е поцврст за македонското Собрание, ние стоиме зад тој предлог, како тогаш, така и денес, затоа и го предложивме – рече Милошоски во гостување на Алфа телевизија.
Пратеникот рече дека обвинувањата од опозициската СДСМдека одреден дел од пратениците се со двојно државјанство се неосновани. Потписници на измената на Законот за пратениците, додаде, се токму актуелни пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за кои СДСМ наведува дека се со бугарско државјанство.
– Второ, сметаме дека кога сте одбрале да бидете пратеник, има логика, ако сте пратеник во Собранието на Македонија да бидете и според државјанство лојален само на таа држава каде што ви дале доверба да бидете пратеник. Бидејќи кога има двојно државјанство, иако македонскиот Устав не го забранува, сепак има една етичка и политичка дилема на која држава сте повеќе лојален, особено ако во Собранието одлучувате за теми коишто не ја засегаат само Македонија, туку можеби засегаат и други држави – рече пратеникот Милошоски.