СДСМ НЕ ПРЕСТАНА СО ПОЛИТИКАНСТВО ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ Мицевски порача дека не е потребен закон за Кочани, а Владата бара и наоѓа решенија за помош
Употребив благ збор, политиканство, затоа што 7 министри од претходните 2 влади има во вашите редови. Јас не видов вака вие да се боревте за граѓаните од модуларната болница, од „Беса транс“, од Ласкарци. Кривична пријава не поднесовте, за сега вака да барате нешто за Кочани, им порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на колегите од СДСМ, Левица и од ДУИ.
Во Собранието се прави политиканство на тема болна за целиот македонски народ, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во врска со предлог-законот што го поднесе СДСМ за помош за Кочани.
– Бараат точката за законот за Кочани да биде прва точка, ние се сложивме и гласаме дневен ред на седницата, а Левица, СДСМ како подносител и дел од ДУИ гласаат против дневниот ред. Односно, 67 пратеници гласаат за точката, а 16 пратеници, помеѓу кои и носителите на целите овие протести и она што се случува во Македонија, СДСМ и Левица, поддржани од неформалниот коалиционен партнер ДУИ, гласаат против. Ете тоа е политиканството во нашата држава, почитуван македонски народе – рече Мицевски на денешната собраниска седница.
Тој и претходно им посочи на опозициските пратеници дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но и сите пратеници на парламентарното мнозинство поддржуваат и ќе гласаат точката за Кочани да биде прва точка на дневен ред. Но, додаде, според Деловникот тоа е закон што прво треба да биде поднесен во собраниската Комисијата за труд и социјала, за која опозицијата сè уште нема предложено претседател.
Мицевски ги замоли пратениците да се прекине со „политиканството и со лешинарството на темата Кочани, затоа што Владата од почетокот на трагедијата ги презеде сите потребни мерки и активности и сè уште ги презема“.
– И ќе ве замолам да не правите политиканство на грбот на граѓаните на оваа тажна и болна тема. Имено, Владата ги кажа своите мерки, кажа дека ќе се прават дополнителни напори за помагање на луѓето, отворена е телефонска линија на која што досега се пријавија 107 од повредените. Се направија напори одморалиштето во Пониква да биде рехабилитациски центар за повредените. И ве молам прекинете со политиканството. И да, ќе добиете можност оваа точка да биде прва на дневен ред, за да видат граѓаните дека ги лажете и дека таа комисија не може во моментов да се одржи – истакна Мицевски.
Обраќајќи му се на пратеникот Оливер Спасовски, Мицевски потсети на времето од претходниот парламентарен состав, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесува барања за информации од јавен карактер за пожарот во модуларната болница во Тетово, а пратениците на СДСМ не правеа кворум. А тој беше министер за внатрешни работи, додаде Мицевски, и најмалку што можеше да направи е да поднесе кривични пријави за одредени луѓе, наместо кабелот да биде виновен.
– Употребив благ збор политиканство, затоа што 7 министри од претходните 2 влади има во вашите редови. Јас не видов вака вие да се боревте за граѓаните од модуларната болница, од „Беса транс“, од Ласкарци. Кривична пријава не поднесовте, за сега вака да барате нешто за Кочани. Не биле исплатени пари? Па кај имало ваква брза и ургентна реакција на државата по однос на сите работи и уште дополнително ќе долевате масло на огнот, со поднесување закон. Не се секирајте, Владата постапува од првиот ден на оваа трагична несреќа, сочувствуваме со сите и ќе бидат најдени решенија и модели. Ама Оливер Спасовски и колегите министри од претходната влада што седат тука, да ни кажуваат како треба да реагира, се извинувам, ама не знам кој збор да го употребам, а да не ве навредам – рече Мицевски.
СДСМ на денешената собраниска седница побара законот за Кочани да биде прва точка на
дневен ред во Собранието. Пратеникот Оливер Спасовски, истакна дека оваа помош и поддршка за повредените и за семејствата на загинатите треба да биде најголем приоритет во моментот.
Тој реагираше на односот на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека од ова прашање не треба да се прави
политика.