СДСМ ВОДИ ВО ЦЕНТАР, КРИВА ПАЛАНКА, ДОЈРАН… Тесна битка во Неготино и во Лозово, објави партијата

Горан Герасимовски и Сашко Митовски на чекор до нов мандат во Центар и Крива Паланка.

3,401

По завршувањето на изборниот процес, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, соопшти дека партијата е во водство во повеќе општини низ земјата и очекува победи уште во првиот круг.

– Водиме во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново и Облешево, Кривогаштани и Богданци. Тесна изборна трка се води во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце и Лозово. Во Дојран, исто така, сме во водство, но најверојатно ќе има и втор круг – изјави Димитријевиќ.






Тој нагласи дека СДСМ бележи подобри резултати во споредба со претходните локални избори, што, според него, е доказ дека граѓаните ја препознаваат политиката на стабилност и сигурност.

– Во секоја општинска организација имаме подобри резултати од претходните избори. Тоа е јасен показател дека довербата во СДСМ расте – истакна тој.

Сепак, генералниот секретар предупреди дека изборниот процес не поминал целосно без нерегуларности. Според него, набљудувачите на СДСМ забележале повеќе случаи на прекршување на изборниот молк, агитација и обиди за изборен поткуп.

– За жал, имаше обиди за поткуп, директни закани и уцени. Во Лозово е спречен обид за поткуп кој е документиран од МВР, а слични случаи се истражуваат и во други општини. Во Куманово и во Ѓорче Петров биле забележани нерегуларности при делење на гласачките ливчиња — во Ѓорче, претседателката на избирачкиот одбор му дала пет ливчиња на својот сопруг – посочи Димитријевиќ.

Тој додаде дека СДСМ очекува институциите да реагираат и дека изборниот процес ќе биде завршен транспарентно и фер.

Поврзани содржини