СДСМ Е ЗАРОБЕНА ПАРТИЈА ШТО СПРОВЕДУВА ПОГРЕШНИ ПОЛИТИКИ Горан Минчев потсети дека Максим Димитриевски прв предупреди за погрешниот правец на СДСМ
Единствен кој реагираше кога СДСМ беше во зенитот на својата моќ беше Максим Димитриевски, кој после интервјуто на Зоран Заев за бугарската телевизија во која што посочи дека Бугарите и Македонците се ист народ, јасно и гласно кажа дека не се согласува со политиките на тогашното раководство, а Бранко Црвенковски го замрзна членството, вели генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев.
Политичките процеси што денес се одвиваат во Социјалдемократскиот сојуз не претставуваат изненадување, туку задоцнета потврда на она на што ЗНАМ предупредуваше години наназад, дека СДСМ се оддалечи од сопствените вредности, ги напушти принципите врз кои беше создадена и стана затворена и заробена структура без јасна политичка визија, вели генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев.
Тој не сака да шпекулира за мотивите на групата која пред две недели јавно настапи со критики кон актуелното раководство на СДСМ, но оцени дека нивните настапи суштински ја потврдуваат политичката анализа што ЗНАМ ја застапува со години.
– Она што можеме да го согледаме по одржувањето на тој настан и по јавните настапи на неговите учесници е потврда на тезата што ЗНАМ ја кажува веќе 5 години – дека СДСМ е окупирана и заробена партија и спроведува погрешни политики. Во овој момент, иако правно формално Венко Филипче со сомнителен легитимитет е претседател, според мене конците ги влече некој друг – изјави Минчев за Слободен печат.
Осврнувајќи се на структурата на иницијативата „12 и 5“, Минчев посочи дека меѓу учесниците постојат суштински разлики и дека нивниот политички кредибилитет не е ист.
– Едната група ја сочинуваат луѓе кои биле дел од власта, учествувале во креирањето на политиките и имале можност да реагираат за клучните државни прашања, но тогаш молчеле. Денес, кога се надвор од тие позиции, очигледно се обидуваат да го преземат раководството на СДСМ. Другата група, која не учествувала во тогашното владеење, има поголем легитимитет да бара промени во партијата. Но, она што ги поврзува сите е фактот дека никој од нив не реагираше кога се носеа најважните државни одлуки – нагласи Минчев.
Тој потсети дека, според него, во периодот кога СДСМ ја имаше целосната политичка моќ, само две личности јавно се спротивставиле на тогашното раководство.
– Единствен кој реагираше кога СДСМ беше во зенитот на својата моќ, кога ја имаше централната власт и контролираше околу 50 општини, беше Максим Димитриевски, кој после интервјуто на Зоран Заев за бугарската телевизија во која што посочи дека Бугарите и Македонците се ист народ, дека Бугарите го ослободиле Куманово и изјави и други историски небулози, јасно и гласно кажа дека не се согласува со политиките на тогашното раководство. Тоа е разликата помеѓу ЗНАМ и оваа инивијатива. На тогашните ставови на раководството на СДСМ, кои сериозно ги засегнаа македонската историја и националниот идентитет, реагираше и, би рекол, таткото или ДНК-то на СДСМ, господинот Бранко Црвенковски, кој го замрзна своето членство – истакна Минчев.
Во однос на шпекулациите дека Бранко Црвенковски стои зад ЗНАМ, Минчев беше дециден дека таквите тврдења се неточни.
– Можам јасно да кажам дека таткото на СДСМ не стои зад ЗНАМ. Во повеќе наврати сум рекол дека исклучително ги почитувам политичките ставови на господинот Бранко Црвенковски, но за неговите лични политички определби и евентуална поддршка на други иницијативи, тоа е прашање на кое може да одговори само тој – рече Минчев.
Тој нагласи дека внатрешните случувања во СДСМ се прашање на самата партија, додавајќи дека ЗНАМ останува фокусирана на реформите, исполнувањето на програмските определби и на политиките што произлегуваат од интересите на државата и на граѓаните.