Сценариото е исто од 1991: целта беше да нѐ прекрстат, и да нѐ побугарчат
Да ни се живи “партнерите“. Со години нѐ прават недоветни. Крајно време е да се освестиме и да ги браниме сопствените интереси. Доста беше срамно голтање туѓи кнедли.
Во политиката, како впрочем и во животот, ништо не е случајно и (речиси!) ништо не може да се скрие. Еден од најголемите руски поети, одамна има напишано – лошите дела ќе се откријат, и земјата да ги крие цела. И, навистина е така. Ако внимателно се набљудува и анализира, се’ излегува на виделина. Кога се прави мозаик со сите познати факти, сликата неизбежно се појавува. Понекогаш, треба да се почека одредено време, за да се разбистрат нештата. Трпение, спасение, вели народот.
Ова правило, непишано ама точно и трајно, целосно важи и за односот на меѓународната заедница кон Македонија. Во првите години по распадот на Југославија, многу потези на странците беа неразбирливи. По 30 години, и со најпрост мозаик, нема дилеми ниту што ни се случува(ше), ниту од кого.
Никој нека не се залажува дека името ни го смени Грција, ниту дека само Бугарија сака да не бугаризира. Тоа беа, и се, политики на единствената светска супер сила, силно поддржана од нејзините западни сателити, пред се’ од ЕУ.
Пред самитот на НАТО, во Букурешт (2008), Вашингтон речиси никогаш јавно не се експонираше во однос на нашето име. Нивните амбасадори во Скопје – Ајник, Батлер и Миловановиќ, воопшто јавно не зборуваа за проблемот иако, сигурно, вршеле некаков притисок врз политичарите.
Во Букурешт, меѓутоа, САД радикално ги сменија и својата, и политиката на НАТО кон Македонија. Бескрупулозно наметнаа уцена – прво името, потоа членство. Автоматски, тоа важеше и за ЕУ. Истите земји се и во двете организации. Така, се игнорираше пресудата од Хаг, против Грција, дека никаде не смее да се попречува нашето членство со референцата.
Апсурдот беше целосен: Грција не смееше да нѐ блокира заради Привремената спогодба (1995), којашто ни ја наметнаа токму САД! Очигледно, времињата, ама и приоритетите – се променија. Заради НАТО, Вашингтон стана главен носител на нашето што побрзо прекрстување.
Новата американска стратегија кон името беше резултат на нивното (точно!) сознание дека ако влеземе во НАТО и ЕУ со референцата, прекрстувањето би било невозможно. И ние би биле внатре, а не надвор. Така, не би било можно бришење на националниот идентитет на Македонците, за што беше и измислена промената на името. Ова е силен додатен доказ за вистинските намери на САД.
Помошник државниот секретар, Даниел Фрид, беше меѓу првите којшто по самитот ни советувал (“Дневник“, од 28/10/2008) – “Зграпчете го последниот предлог на Нимиц и направете ја светла иднината на вашите деца…“.
По Букурешт, за американски амбасадор дојде Филип Рикер. Тој не криеше дека главна задача му е прекрстувањето на државата, иако има и други. Еве докази.
Во долго интервју во “Дневник“, од 8/6/2009, ни порача – “Земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција“; “…да се најдат креативни и зрели решенија, ДА СЕ ДОНЕСАТ ТЕШКИ ОДЛУКИ И ДА СЕ ОДИ НАПРЕД“; “Ќе мора да се најде нешто со што (водството) ќе го зацврсти европскиот идентитет на Македонија, да се најде решение за спорот за името“; “… за нас Американците да се биде двојазичен или повеќејазичен е предност, нешто од што луѓето од оваа земја можат да имаат корист … Ова треба да ја зајакне Македонија“. Америте, навистина се двојазични?
Во овие куси изводи се’ е кажано: прекрстување; нов, европски идентитет; двојазичност (коренот на Тиранската платформа)…
Други негови изјави: “Дневник“, од 23/1/2010 – “… Македонија не може да си дозволи и во наредните 10 години да биде надвор од ЕУ и од НАТО“; “Нова Македонија“, од 18/1/2010 – “Верувам дека решение е можно релативно брзо. Фокусирајте се… на наоѓање на име за меѓународна употреба, со кое двете земји би се согласиле“; “Нова Македонија“, од 29/4/2010 – “Прашањето за името мора да се реши зошто ОД ТОА ЗАВИСИ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА…“; “Дневник“, 23/11/2010 – “Одговорноста е на лидерите и на народот на Македонија да се најде конечно решение“ (Грција е невина, се разбира!); “Дневник“, од 3/12/2011 – “Условот за НАТО е прво решение за името, па покана за членство“; “Нова Македонија“, од 26/3/2011 – “Никогаш не сме го гледале овој проблем како проблем на идентитетот, бидејќи вашиот идентитет си е ваш идентитет“ (невидена измама и манипулација. Неспорно е дека е наш, ама тие не го прифаќаат и признаваат)…
Според “Дневник“, од 20/7/2011, не “поздрави“ и државната секретарка, Хилари Клинтон – “Владата во Скопје треба да знае дека нема да може да напредува во евроинтеграциите се’ додека не го реши ова прашање со името…“. Чиста уцена.
Додека, во повеќе прилики, Рикер нѐ убедуваше дека идентитетот на македонскиот народ не е во прашање, еве што обелодени неговиот наследник, Пол Волерс. Според “Нова Македонија“, од 18/7/2011, уште пред да дојде, на распит во Комитетот за надворешни работи на Конгресот, рекол – “Преговорите за името не се само замена на непристојната референца… туку сложена операција за декодирање на македонскиот идентитет“. Кажал и дека – “САД се креатори на Охридскиот рамковен договор“.
Во Тетово, пред студенти на Универзитетот на Југоисточна Европа, “Дневник“, од 27/11/2013, Волерс отиде и чекор понапред – “Вие како жители на Македонија треба да решите како ќе се дефинирате себе и врз основа на кои вредности. Не можете по својата националност која е различна, ниту по верата, која исто така се разликува, или по културата, која е слична, но не е иста“. Бидејќи Албанците, и другите во земјава, немаат проблем – “како да се дефинираат“, тоа може да се однесува само на Македонците. Ова е само нов доказ за целта на американската политика во однос на нас.
“Утрински весник“, од 5/4/2016, го пренесува Волерс – “Ова е најдобро време за да се одврзе јазолот околу името.
Во меѓувреме, бројни високи функционери на Вашингтон нѐ потсетуваа дека со одлагањето на решението не губи Грција, туку Македонија; го девалвираа значењето на пресудата од Хаг, нарекувајќи ја – “мислење“; потсетуваа дека треба да се донесат “тешки одлуки“, со “утеха“ дека треба да се концентрираме на “наградата“ којашто ќе следува… Уцени!
Ете, така не третираа САД, се’ додека срамно не капитулиравме околу името. Откако не сме веќе Македонци, за што сме, сепак, самите виновни, дојде на ред финалето – бугаризација. Мораа некаде да не “приклучат“.
И, повторно се мобилизираа сите наши “стратегиски партнери“ коишто сакаат што поскоро да не сотрат. За да не се мачиме долго, де. Не за друго.
Надлежниот за Балканот, Ескобар, којшто неодамна, во секој случај намерно, ни откри дека сме “Северномакедонци“, сега ни вели -– “НАШАТА НАЈГОЛЕМА ГРИЖА Е ДЕКА ЌЕ ИЗГУБИМЕ ВРЕМЕ. Ние не бараме опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме да го поддржи патот кон ЕУ (никако премиерот, само неговата погубна политика!). Ова е најдобриот договор што го добивме (секако за САД, никако за Македонија!). Тој е разумен (катастрофален!), мислам засега (додека капитулираме, де!) и треба да продолжиме напред (во амбисот!), што е можно побрзо … во унапредување на кандидатурата за ЕУ“. Ова е негов постојан рефрен.
Арно, Ескобар. Тој е, барем, надлежен Но, дојде некој си сенатор, со кого премиерот имаше дури и прес конференција (што е навредливо за државата бидејќи тој не му е ниво), кој отворено ни се закани – “Ако не го смените Уставот, тоа ќе влијае на односите со САД“. На поддршката за бугаризација?
Но, така треба. Ако е нешто клучен интерес на САД (како бришењето на Македонците!), а ние се колебаме да им го испорачаме – треба да има последици! Преговорите за ЕУ не смеат да се одложуваат, иако можеби никогаш нема да нѐ донесат до Брисел. За САД (за Бугарија, за Грција), тие се суштински: преку 35-те поглавја, треба до крај да не уништат.
И германската МНР, Бербок (“Слободен печат“, од 27/3/2023), беше меѓу папагалите – “Чекорот што сега треба да се направи е што поскоро да се донесат уставните промени…“. Нивниот специјален пратеник за регионот, Сарацин, (“Вечер“, од 18/5/2023), се сретна са маса пратеници со цел да ги убеди да го менуваат Уставот. Колку нѐ сакаат! А ние, чурук.
Американската амбасадорка, Агелер, нормално, секојдневно не потсетува дека – “Треба да се усвојат уставните измени, пратениците да гласаат ЗА ДРЖАВАТА ДА СЕ ПРИДВИЖИ НАПРЕД“ (“Трибуна“, 24/1/2023); “Потребна е акција за уште една промена на уставот“ (Денешен.мк, од 19/5/2023); “ЗНАМ ДЕКА Е ТЕШКО, но треба да се усвојат уставните измени… неопходни за чекор напред“ (Центар.мк, 24/3/2023). Таа е во право, само да прецизира – чекор напред… ама во пеколот!
Да ни се живи “партнерите“. Со години нѐ прават недоветни. Крајно време е да се освестиме и да ги браниме сопствените интереси. Доста беше срамно голтање туѓи кнедли.