Сатурновото лудило
Толку ли е страшна македонската политика, баш како титанот Кронос (Сатурн е неговата римска верзија) во визиите на Гоја? Апсолутно, дури пострашна, само што малкумина го гледаат – сакаат да го видат – тоа нејзино лице.
Ако ја идентификуваме македонската политика со овој Сатурн на Гоја кој си го јаде синот, одговорот веројатно би бил позитивен. Иако, всушност, на македонската политика, вообичаено, никогаш и не ѝ е потребно нашето мислење – таа секако ќе го направи тоа што го намислила, а во случајов не е далеку од тоталното девастирање (или ликвидирање, како сакате) на културата.
Толку ли е страшна македонската политика, баш како титанот Кронос (Сатурн е неговата римска верзија) во визиите на Гоја? Апсолутно, дури пострашна, само што малкумина го гледаат – сакаат да го видат – тоа нејзино лице. А тоа е секаде околу нас. Сега стасало и до скопскиот Аквадукт, каде некој решил да си гради мото-крос патека, без оглед што со одлуката на истата таа македонска политика од минатата година Аквадуктот претставува „добро од општ интерес за Република Северна Македонија“ и ужива посебна заштита. Но, да не бидеме ситничави: па и целата култура, нели, ужива таква заштита? И?
Франциско де Гоја е еден од големите (не само) шпански мајстори на сликарството на 19-от век. Сликата Сатурн го јаде синот (Saturno devorando a su hijo), 1819/23, 146 × 83 см., комбинирана техника на платно, Музеј Прадо, е дел од серијата т.н. „црни слики“ (вкупно 14) што Гоја ги изработил при крајот на животот како мурали во неговата нова куќа крај Мадрид, подоцна префрлени на платна. Добрите познавачи на сликарството на Гоја велат дека жестокоста, мрачноста, дури „налудничавоста“ на овие дела биле резултат на неговиот страв од лудило, но и од бесперспективноста на човештвото. Се разбира, толкувањето – иако можеби непотребно – на вакви дела е секогаш интригантно и оди во различни насоки. Некои во ова дело ја гледаат ситуацијата во Шпанија во тоа време (со оглед што, велат, наводниот син што го јаде Сатурн односно Хронос е – жена), или неговата разочараност од Француската револуција итн. Впрочем, сите толкувања, и „толкувања“, се и понатаму отворени, како впрочем и моите асоцијации со некои македонски ситуации.
Зашто, повторно, дали во однос на културата оваа власт, како и претходната, премногу наликува на Сатурн на Гоја? Мене, извинете, ми изгледа уште пострашно. И, ако смеам да говорам во името на добар дел од непартиската македонска култура, Сатурн на Гоја, како олицетворение на македонскиот естаблишмент години наназад, изгледа многу поалчен, погладен, посуеверен! Зошто велам суеверен? Затоа што митот за Кронос/Сатурн, татко на Зевс, и приказната на којашто се темели сликата на Гоја вели дека титанот му подлегнал на суеверието/пророштвото дека еден од неговите синови ќе го симне од престолот. Затоа решил да ги изеде – сите.
Што е заедничко помеѓу спомнатото дело на Гоја и македонската култура? Ништо, и сѐ, зависно од тоа како и колку ја познавате македонската култура и состојбите во неа. Но и состојбите во македонската политика, барем малку. А тие, состојбите, се одамна далеку од нормални, низ неа шетаат не еден туку прилично многу помали Кроноси на еднакво важни позиции и со еднакво страшни лица и голем апетит. Последните најави за ребалансот на буџетот, вклучувајќи го и културниот, со цели стотина милиони евра, не е нешто ново, иако е прилично радикално. Такви кратења, или откинувања од нејзиното „тело“, има во континуитет од цели една-две децении, при што секогаш е поважно нешто друго, некакви други кризни состојби што на политиката, на Сатурн, му дозволуваат такво однесување, како божем во културата да царува мед и млеко а пари течат на сите страни. А тоа не е, не било ниту ќе биде така. Односот на оваа држава кон нејзината култура е, најблаго речено, иднетична со односот на Сатурн кон неговите синови. Не заради стравот дека културата може којзнае колку да ѝ биде соперник на политика или да ѝ одземе дел од „славата“ иако, во одредени ситуации во минатото (денес веќе тоа не е можно!), го имало и тоа. Го имало заради една проста причина: политиката, барем оваа современава, никогаш не ја разбра докрај културата, нејзиното значење за земјата, нејзините потенцијали и компетенции… Сатурн е мало дете за македонската политика!
Не мислам дека културата постојано треба да биде некакво државно галениче – иако кај нас, особено кај нас, можеби и треба, задолжително – или дека одредени кризни состојби треба постојано да ја заобиколуваат само културата (иако дури и тоа би било нормално). Но, да се биде постојано цел на политичко-партиски и финансиски пресметки, на кадровски узурпации, на постојана стагнација до девастација… такви процеси нема во културите на современите европски држави. Македонската култура во децениски континуитет е кадровски осакатувана, финансиски малтретирана, содржински неразбирана; културните институции станаа легло на нестручен партиски „кадар“, некои беа претворени во мизерни складови на неукост и неспособност, други беа препуштани на тивко „умирање“… како што впрочем предвидува и сегашниот апетит на македонската политика со ребалансот на буџетот и согласноста на министерката за култура. Зашто, да се одземат толку пари од културата на име „непродуктивни трошоци“, а само да се задржат високите плати и средствата за културни манифестации е сатурново лудило само по себе. Ако во културата постоеле, или постојат, непродуктивни трошоци, тоа се пред сѐ партиските војски во Министерството за култура и културните институции, смешните политички кич манифестации и етнопартиската поделба на културниот буџет. Последниве години кон овие постојани абоненти на македонската култура се придружи и нова клиентела, онаа т.н. независна сцена којашто како сателит се врти околу власта и цица повеќе од сериозни институции на работ на преживување. А тие непродуктивни односно контрапродуктивни трошоци, ако е навистина проблемот во нив, се решаваат за еден месец, не му се потребни ребаланси и слични будалаштини. Од друга страна, каква е смислата на изјавите дека „кратењата“ во културниот буџет ќе се прават за да платите на вработените останат на сегашното ниво. А за што тогаш ќе се примаат тие плати ако институциите немаат соодветни ангажмани/програми? За „убави очи“? Кои се тие луѓе кои смислуваат такви будалаштини? Поточно, ги знаеме: тоа се токму македонските културни сатурни во политиката, оние истите кои немаат поим дека во македонската култура одамна платите се добиваат баш за неработа бидејќи во културниот буџет нема средства за сериозни програми! Најголемиот дел од тој буџет е веќе однапред потрошен преку етнопартиските договори за поделба на културниот колач, така што за сериозни проекти, не само на институциите, никогаш и нема средства.
Сатурн ги јаде сопствените деца? Ма дајте ве молам, Гоја насликал приказна за мали плашливи дечиња затоа што неговата фантазија не можела да смисли ваков хорор каков што се случува во македонската култура.
Извор: Теодосиевски уметност