САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ ИЛИ САМО ОПРЕДЕЛУВАЊЕ ПРЕД ГЛАСАЧИТЕ? Не стивнуваат реакциите на маневарот на Европски сојуз за промени

За Мицкоски тоа е само предизборен фолклор, а Ковачевски вели дека не е непознато сестрински партии да се поддржуваат пред избори, но не и да учествуваат во изборен процес во друга држава.

2,717

Премиерот Димитар Ковачевски денеска побара објаснување на кој начин членови на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти во Косово би биле вклучени во изборите овде, како што најави коалицијата Европски сојуз за промени.

Ковачевски го наметна и прашањето што би се случило доколку и други соседни земји на овој начин почнат да делигираат свои претставници во изборниот процес во Македонија.






– Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави, но јас досега немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава. Не знам како точно е пренесена изјавата на еден од претседателите на партиите во опозицискиот блок, треба да се види на што точно се мисли. Треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како и на што точно се мисли. Треба да се провери и Изборниот законик, како и регистрирањето на партиите – вели Ковачевски.

Вклучувањето на Самоопределување во изборите листи на албанската опозиција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени како предизборен фолклор. Вели дека тие кои сакаат да учествуваат во избори треба да ги исполнат законските и уставните норми. Доколку посочените лица од Косово имаат и македонско државјанство, Мицкоски не гледа ништо спорно.

Меѓу имињата кои се спомнуваат од партијата на Курти е и советникот Беким Ќоку кој најверојатно политички ќе се активира во Македонија.

Од албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени велат дека „нема ништо спорно во тоа на изборните листи да се најдат и имиња на државјани кои имаат и македонско и косовски државјанство“.

Од ДИК велат дека изборното законодавство дозволува граѓани со двојно државјанство, од кои едното е македонско, да бидат вклучени во изборните листи и да се бават со политика доколку ги исполнуваат условите пропишани со закон.

Во изјава за Мкд.мк академик Божин Павловски вели дека „Македонија ќе се врати 120 години назад ако се дозволи регистрацијата на Самоопределување“.

– Самоопределување може да ги задоволи ‘апетитите’ на граѓаните доселени кај нас од Косово, и да создаде хаос во таканаречениот македонски блок на Албанците, но треба да се знае дека таа глупост Македонија ќе ја врати 120 години назад, кога била опседната од странските пропаганди и интереси – изјави Павловски.

 

ДАЛИ КУРТИ Е ПОДОБАР ОД МУРТО? Клонирањето на Самоопределување од Косово во Македонија крие цела приказна

 

 

 

Поврзани содржини