САМО ВО ГЛАВАТА НА ТАРАВАРИ ДЕКЛАРАТИВНО „НЕ“ ЗНАЧИ ДЕКЛАРАТИВНО „ДА“ Ниедна македонска партија не прифаќа албански јазик во Уставот
Ниту во партија, ниту во рамки на владина коалиција сме разговарале за внесување на албанскиот јазик во Уставот. Навистина не можам да сфатам како лидерот на Алијанса за Албанците може воопшто да рече дека македонските партии прифатиле такво нешто, коментира претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
„Никогаш не сме разговарале на таа тема“. „Не сме изустиле ни зборче за албанскиот јазик“. „Ниту во партија, ниту во рамки на владина коалиција сме одлучувале за барањето на албанските партии“.
Вака, најголемиот дел од лидерите на македонските политички партии ја коментираат вчерашната изјава на првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека сега е време да се внесе албанскиот јазик во македонскиот Устав, но и дека македонските политички партии декларативно го прифатиле предлогот и дека ќе гласаат за оваа уставна измена.
– Во Македонија имаме официјален албански јазик, но тој се нарекува јазик што го користат 20% од граѓаните, а нашето барање е 20% да се замени со албански јазик. Ова го поддржуваат сите албански политички партии, но и македонските политички партии декларативно – изјави вчера Таравари.
За да се увериме дека работите стојат онака како што тврди лидерот на Алијанса за Албанците, но и да дознаеме кои се тие македонски политички партии кои јавно и декларативно даваат поддршка на внесувањето на албанскиот јазик во Уставот, одлучивме да им поставиме прашање на сите македонски политички партии.
Навистина не можам да сфатам како лидерот на Алијанса за Албанците може воопшто да рече дека македонските партии прифатиле такво нешто.
За наша среќа, најголемиот дел од партиите се одзваа и го искажаа својот став, но за несреќа на Таравари, немаше ниту една партија која „декларативно ја поддржува уставната измена“.
Од Владата, пак, одбија да го коментираат барањето на Таравари, но велат дека уставните измени се државен приоритет.
Од СДСМ брифираат дека фокусот на работната група ќе биде ставен само на приоритетите предвидени во преговарачката рамка со ЕУ и дека сега не е време за вметнување на албанскиот јазик во Уставот.
Како што велат нашите партиски соговорници, премиерот Димитар Ковачевски веќе ги известил лидерите на партиите од коалицијата дека фокусот на работната група не смее да се менува, а тие наводно прифатиле.
Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека никогаш не дале согласност за внесување на албанскиот јазик во Уставот.
– Не сме разговарале за тоа и не сме дале никаква согласност. Исто како што и Таравари се согласи да го турне ДУИ поради криминалот, а сега се во иста коалиција и се одржуваат на власт – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту збор за албанскиот јазик
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, тврди дека никој и никогаш во владината коалиција воопшто не изустил ни збор за внесување на албанскиот јазик во Уставот.
– Ниту во партија, ниту во рамки на владина коалиција сме разговарале за внесување на албанскиот јазик во Уставот. Навистина не можам да сфатам како лидерот на Алијанса за Албанците може воопшто да рече дека македонските партии прифатиле такво нешто. Дури и да прифатиме, најпрво треба да консултираме внатрепартиски став. Не треба да се користи моментот на отворање на Уставот за ниту едно друго прашање, освен за тоа што го имаме како услов за да го продолжиме процесот на преговори по поглавја со Европската Унија. Ако веќе наметнуваме други прашања, тогаш и ние како партија имаме низа предлози за разни работи. Мислам дека не е време моментот на отворање на Уставот да се користи за кое било друго прашање освен за остварување на целта, а таа е да го започнеме процесот на евроинтегрирање. Од друга страна, пак, си постои и си функционира Законот за јазици, секој човек си зборува на јазикот на кој сака да си зборува, па јас не гледам потреба зошто сега треба да ги комплицираме работите и да го оптоваруваме Уставот – вели Зајкова.
Сличен став дели и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, која вели дека воопшто не се ни сеќава дека некогаш се зборувало на оваа тема помеѓу партиите.
– Нема такво нешто, ниту некогаш сме разговарале на таа тема. Јас не знам кои се тие македонски партии, кои, според тврдењето на Таравари, декларативно прифатиле внесување на албанскиот јазик во Уставот. Јас не се ни сеќавам дека некогаш се зборувало на таа тема помеѓу партиите. Инаку, нашиот став во врска со уставните измени е дека тие треба да се однесуваат само на етничките заедници и ниту едно друго прашање не треба да се отвора. Сите политички партии си имаат свои барања, а ако сите истовремено почнат да си ги кажуваат барањата, тогаш кај ќе ни биде крајот. Сите знаеме дека овие уставни измени се прават затоа што треба да продолжи европската интеграција и главниот услов е да се внесат Бугарите во македонскиот Устав. И тоа е суштината на уставните измени – објаснува Морачанин.
Собирачи на поени
Произволните позиции на Алијанса за Албанците за наметнатите уставни измени служат за продлабочување на поделбите во државата, но служат и како нова изборна карта за раководството кое се впушти во авантурата со ДУИ за да се задоволат личните интереси на поединци, коментираат од Левица.
– Откако го презеде лидерското место во Алијанса за Албанците, Таравари со молскавична брзина ја замени опозициската борба со уживање на благодетите на криминалната власт на која ѝ се придружи во владејачкото мнозинство. Наместо да се продолжи опозициската борба и да се оправда укажаната доверба на избирачите, приоритет беше приклучување кон караванот кој го предводат СДСМ и ДУИ. Како партија која на минатите избори доби значителна поддршка на платформата против ДУИ, тие добија гласови од оние кои се незадоволни од владеењето на ДУИ. Но, одлуката да се придружат на ДУИ во владиното мнозинство е промена на курс кој ќе резултира со значителни последици и расцеп со гласачкото тело како со примерот на Алтернатива. Сега за Алијанса за Албанците претстои опасност од политичко обезличување поради преместување од опозицијата во власт, но привилегиите и функциите се поважни за Таравари. Тие се составен дел од политичката криза и преку овие постапки се продолжува и се отежнува состојбата – ни изјави Амар Мециновиќ, портпарол на Левица.
Верувајте ми, освен вие како новинар, друг никој не разговарал со мене на таа тема, оти горе-долу го знаат мојот став.
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, смета дека изјавата на Таравари е исклучиво за собирање дневно-политички поени.
– Ниту сум разговарал со некого, ниту имам намера да прифатам промена на Уставот од тој аспект. Апсолутно е неприфатливо и сега не е клучниот момент за воопшто да се разговара за вметнувањето на албанскиот јазик во македонскиот Устав. Верувајте ми, освен вие како новинар, друг никој не разговарал со мене на таа тема, оти горе-долу го знаат мојот став – рече Трајанов.
Став побаравме и од партијата на Љубчо Геогиевски, ВМРО-НП, но и оттаму го добивме истиот одговор:
– Со нашите коалициски партнери од власта воопшто не сме разговарале за внесување на албанскиот јазик во Уставот. Последен пат, тоа прашање беше отворено за време на последната лидерска средба, но оттогаш никој не го повторил. Ниту некој ни се јавил, ниту некој нѐ повикал на официјална средба за да разговараме за албанскиот јазик во Уставот – изјави пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО-НП.
Немаме мандат да решаваме за албанскиот јазик
Претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска, вели дека членовите на работната група немаат мандат за да решаваат за албанскиот јазик.
Таа објаснува дека работната група може да работи само за тоа што е формирана на барање на Владата и вели дека ќе ги игнорира сите изјави на политичари, вклучително и изјавата на Таравари за албанскиот јазик.
– Утре, на дневен ред ни е усвојување на Деловникот којшто е многу важен за работата на оваа комисија, којашто е многубројна и со таква многубројна комисија не може да очекувате за еден, два дена многу работи да се завршат. Одиме постепено – рече Николовска.
АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ДА ВЛЕЗЕ ВО УСТАВОТ Таравари тврди дека поддршка дале и македонски политички партии