САМО УСТАВЕН СУД МОЖЕ ДА ЈА ВРАТИ „СЕВЕРНА“ ВО ЗАКЛЕТВИТЕ Советниците на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ најдоа дупка и максимално ја користат

Наивно е да се очекува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица нема да ја искористат правната дупка, односно несинхронизираноста помеѓу Уставот и Законот за локална самоуправа, коментираат експертите.

3,568

Никој ништо не им може на советниците во општините од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица кои одлучија да ги потпишат заклетвите со старото уставно име на државата, бидејќи тие не се виновни поради тоа што некој не успеал навремено да ги синхронизира Уставот и Законот за локална самоуправа. Ваков е ставот на политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, а кои објаснуваат дека токму потпишувањето на заклетвите под новото уставно име би можело да се смета за противзаконски чин.

Единствениот начин да исправи грешката, посочуваат нашите соговорници, е да се интервенира во Уставен суд каде што ќе се каже дека постои судир помеѓу Законот за локална самоуправа и Уставот, па Уставниот суд да реагира и да ги промени посочените одредби. Втората опција, додаваат експертите, е да се направи измена во Законот за локална самоуправа, но за такво нешто е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое во моментов е невозможно да се постигне.






Единствен начин да се реагира по таа колизија е да се интервенира во Уставен суд, каде што ќе се каже дека постои судир помеѓу Законот и Уставот, па Уставниот суд да реагира и да ги промени посочените одредби во Законот за локална самоуправа.

Петар Арсовски Политички аналитичар

– Законот за локална самоуправа и Уставот се во колизија, а во моментов нема двотретинско мнозинство во Собранието за да се направат исправки, односно да се вметне новото државно име на местото на старото. Единствен начин да се реагира по таа колизија е да се интервенира во Уставен суд, каде што ќе се каже дека постои судир помеѓу законот и Уставот, па Уставниот суд да реагира и да ги промени посочените одредби во Законот за локална самоуправа. Но, наивно е да се очекува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица нема да ја искористат таа дупка. Со таквиот потег, советниците се на чисто и не треба да стравуваат од никакви последици. А дали ќе треба по одлуката на Уставен суд или по променет Закон за локална самоуправа да потпишуваат нови изјави, тоа ќе видиме. Но, во моментов, советниците се чисти пред законите. На крајот на краиштата, не ги подготвуваат тие изјавите, туку ги подготуваат локалните администрации водејќи се по постоечкиот Закон за локална самоуправа – објаснува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

И шефицата на прес-центарот на Левица, Сенада Ибраимова, вели дека нема ништо спорно во тоа што свечената изјава што ја потпишуваат советниците во општините е со името Република Македонија, бидејќи, како што посочува, така пишува во Законот за локална самоуправа.

– Законот за локална самоуправа не е променет, односно таму во делот за давање свечена изјава експлицитно стои името Република Македонија, а документите што ги изработува општинската служба мора да се базираат на овој закон. Затоа, нема ништо спорно во тоа што свечената изјава што ја потпишуваат советниците е со правилното име Република Македонија, како што впрочем стои во самиот закон. Не им држат аргументите за наводно кршење на Уставот, бидејќи самото насилно менување на државното име од почеток до крај беше силување и прекршување на Уставот. Ги повикувам и другите општини да ги променат изјавите што ги потпишале советниците, бидејќи, во спротивно, работат противправно и противзаконски – објаснува Ибраимова, која како носител на листа влезе во Советот на Општина Штип.

Но, универзитетската професорка Мирјана Најчевска, очигледно, не мисли така. Таа го цитира Членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија и порачува дека законите мора да бидат во согласност со Уставот.

– Според Членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот. Тоа значи дека ништовна е заклетвата која ја дале советниците во локалната самоуправа, а во која се спомнува Република Македонија наместо уставното име. Советниците не ја завршиле процедурата со која стануваат советници. А може да се гонат и за кривоклетство, бидејќи во заклетвата се колнат дека ќе го почитуваат Уставот – посочува Најчевска.

Горан Милевски: Советниците во заклетвите кажуваат дека ќе се водат и дека ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, пак, признава дека во Законот за локална самоуправа сè уште стои името Република Македонија, но од советниците во општините бара да го почитуваат Уставот како највисок правен акт и во свечените изјави да стои уставното име Република Северна Македонија.

За да се направат измени во Законот за локална самоуправа, односно да се вметне новото уставно име на местото на старото, објаснува тој, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот, а тоа во моментов тешко може да се постигне.

– Советниците во заклетвите кажуваат дека ќе се водат и дека ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро. Јас можам да ги охрабрам и понатаму ако сакаат нека си работат вака, меѓутоа паушалот што ќе го добијат од Северна Македонија нека го враќаат, ако се толку доследни и ако сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им ги доделуваРепублика Македонија, туку Северна Македонија – вели Милевски.

Реагираше и Министерството за надворешни работи (МНР), кое побара од советниците да го почитуваат уставното име на Република Северна Македонија.

„Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, соопштија од МНР.

Оттаму упатуваат и апел до Министерството за локална самоуправа да реагира соодветно и да преземе мерки за извршување на спогодбата.

Поврзани содржини