„САМО ОСТАВКАТА НА ДАНЕЛА МОЖЕ ДА ГО СПАСИ ЈСП“ Левица и СДСМ контра ВМРО-ДПМНЕ
Ако сакате ЈСП Скопје да профункционира, вработените редовно да земаат плата, потребно е претседателката на Нова Алтернатива да си даде оставка, поголема помош од тоа нема, порача Малиша Станковиќ, советник од коалицијата „За обнова на Македонија“.
За да се реши проблемот со ЈСП, градоначалничката Данела Арсовска и нејзините пајташи веднаш да си дадат оставка, порача денеска Малиша Станковиќ, советник од коалицијата „За обнова на Македонија“.
– Прво и основно, секој од нас од човечки аспект ги поддржува работниците и тука не треба да стане збор дали некој ги поддржува или не ги поддржува работниците. Каде настанува одреден проблем за кој што всушност и ние денеска дебатираме. Ако се сеќавате на 18 ноември имаше точка на дневен ред каде што беа предвидени субвенции за ЈСП Скопје, не сега овие субвенции од 700 милиони денари, туку 110 милиони денари субвенции за јавното претпријатие, а тоа се оние пари кои што беа нели предвидени во буџетот и кои беа наводно резервирани. После три пати закажување на седници за дебатирање основното нешто што беше изнесено овде пред сите советници, и од страна на директорот, на раководството, од страна на претставникот на Град Скопје бидејќи градоначалничката не беше присутна кога се бараа тие субвенции и најчесто не е. Беше истакнато дека се бараат исклучително 110 милиони или 2 милиони евра за да се исплатат плати за ноември и декември 2023 за вработените во ЈСП Скопје. Оттаму кога дојдовме денеска на седница и се истакнува дека вработените не земале плата за декември месец и ги гледаме дека заедно дека се собрани пред вратата да штрајкуваат и да, ги поддржуваме, но останува прашањето зошто тие вработени немаат земено плата за декември кога советот изгласа субвенции за плата за ноември и декември – рече Станковиќ.
Станковиќ во текот на своето обраќање рече дека оваа точка не требало да биде на дневен ред затоа што претходно имало изгласано плата за месец ноември и декември.
– Каде завршија тие 110 милиони денари субвенции? Ние знаејќи дека веќе изгласана плата за ноември и декември, сметавме дека оваа точка не треба да биде дел од вонредна седница. Ако веќе сме дале пари за ноември и декември плата зошто тогаш ова би било вонредна точка? Ние сега сметаме дека со овие субвенции, така и е предвидено да бидат плата за јануари, февруари, март – кажа тој.
Станковиќ потсети дека и претходно се сомневал во искрените намери на раководството на Град Скопје.
– Јас тогаш од оваа говорница зборував дека се сомневам во искрените намери на раководството, пред сѐ на раководството во Град Скопје дека наменски ќе ги искористи овие средства кои после тоа ги гласавте. Се искористија ли наменски средствата, ако ги искористија наменски плата ќе имаше – заклучи тој.
На крај Станковиќ порача дека за да се реши проблемот со ЈСП потребно е реструктуирање кои би започнало најпрво со тоа што претседателката на Нова алтернатива да си даде оставка, потоа на сите пајташи кои ги донела и го заглавија градот.
– Ако сакате ЈСП Скопје да профункционира, вработените редовно да земаат плата, да тука се зборува за реструктуирање, најголемото реструктуирање би започнало и реално ако сакате, претседателката на Нова Алтернатива да го помогне ЈСП, сега е моментот да си даде оставка, поголема помош од тоа нема. Тука е првата причина и првата помош е тука, дајте си оставка и ќе помогнете, па позади тебе сите пајташи кои што ги имаш донесено и коишто го заглавија градот. После кога ќе завршиш со пајташите околу тебе, оставка и овие таканаречени „опозиционери”, кои се опозиција имаат по 2-3 директори на изгубени избори – порача Станковиќ.
Од Левица, пак, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека остави без пари 1.300 семејства само поради хировите на Христијан Мицкоски со Данела Арсовска.
„Денеска на вонредната седница на Советот на Град Скопје, за еден глас поради негласањето на советниците на ДПМНЕ не беа исплатени субвенциите за ЈСП, со што работниците и нивните семејства останаа на цедило, без пари и понижени. Советниците на Левица веднаш ќе побараат нова вонредна седница за да не бидат жртви работниците на елитистичките хирови на раководството на ДПМНЕ, затоа што не можат политичките желби на отуѓената елита да ја диктираат мизеријата на луѓето“, се вели во партиското соопштение.
Координаторката на Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, рече дека СДСМ ја поддржува одлуката за субвенции на ЈСП и дека одговорноста за хаосот е кај ВМРО-ДПМНЕ.
– СДСМ ќе ја поддржи одлуката за субвенции на ЈСП, извештаите за работа не ги поддржуваме затоа што извештаите се дел од работата на јавното претпријатите со амин на Управниот и Надзорниот одбор од ДПМНЕ кои се виновни за хаосот во јавното претпријатие. Управните одбори вие како мнозинство ги избравте, извештаите ги прифаќаат а тука согласност за извештаите на совет не се дава. Ги повикувам сите членови на Надзорниот и Управниот одбор, на чело со Горан Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ да кажат како работи ЈСП? Дали тие луѓе добија надоместок за присуство на нивните седници на Управен и надзорен одбор? Да добиле, но вработените во ЈСП плати не добиле. Како тоа Управните одбори ги гласаат извештаите за работа на ЈСП кои ние како Совет треба само согласност да дадеме? – рече координаторката на Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница.
Во секој момент се очекува да започне нова вонредна собраниска седница во Град Скопје. Неофицијално, како што дознаваме, седницата ќе започне во 15 часот.