САМО ФИНАНСИСКИ ПИСМЕНИ ГРАЃАНИ ПРАВИЛНО МОЖАТ ДА ОДЛУЧАТ ЗА СВОИТЕ ПАРИ Славески на форум на Алијансата за финансиска инклузија
Гувернерот Трајко Славески учествува на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), што се одржува во Намибија.
Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните, изјавил гувернерот Трајко Славески на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), што се одржува во Намибија, соопшти Народна банка.
Славески пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), нагласил дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата.
– Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем – рекол Славески.
Според него, дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата.
– Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации – рекол Славески.
Зборувајќи за она што на тоа полег од прави Народната банка, Славески рекол дека земјава оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите и дека се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани.
– Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост – рекол Славески.
Тој информирал дека во подготовка е втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
Гувернерот учествувал и на панел-дискусијата посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд каде нагласил дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности.
– Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 година, иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените – изјавил Славески, повикувајќи на проактивни светски политики.
Славески ги претставил и активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).