САМО ЕДНО НЕШТО МОЖЕ ДА ГО ЗАДОВОЛИ АПЕТИТОТ НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Човекот кој стои зад ЧатГПТ вели дека иднината е во фузијата
Милијардерот објасни дека енергијата која им е потребна на чиповите и полупроводниците кои процесираат апликации на вештачка интелигенција е далеку поголема од она што тој претпоставувал.
Нуклеарната фузија, технологија која човештвото ја чека цели 30 години, може да биде единствено „чисто“ еколошко решение за напојување на вештачката интелигенција. Вака смета милијардерот кој стои зад компанијата ОпенАИ која го развива ЧатГПТ, а беше во фокусот на вниманието со мистериозниот проект „Q“ и петтата итерација на ботот која предизвика паника во бордот на директори.
На светскиот економски форум во Давос Алтман изјави за Ројтерс:
– Нема начин да се стигне до таму без (енергетски) пробив. Тоа нè мотивира да инвестираме повеќе во фузијата.
Toj неодамна го повтори ова на поткаст со Лекс Фридман, пишува Интересно инженерство.
Тој објасни дека енергијата која им е потребна на чиповите и полупроводниците кои процесираат апликации на вештачка интелигеницја е далеку поголема од она што тој претпоставувал.
Накратко, Алтман вели дека огромната енергија која ја шмука вештачката интелигенција може да се задоволи со нуклеарната фузија. Тоа е технологија која ветува чиста енергија која не создава емисии на јаглерод диоксид и долгорочен нуклеарен отпад.
Проблемот? Научниците со децении пробуваат да направат реактор за фузија кој ќе произведува повеќе енергија отколку што користи. Се работи за машини кои создаваат плазма преку судирање на честички од атомското јадро на атомите. Процесот е обратен од разбивањето на атомски јадра на кој работат денешните нуклеарни централи.
Научниците имаат проблем како да ја зауздаат плазмата која излегува од ваквото судирање на честички. Користат разни магнети.
Експертите предупредуваат дека комерцијалната примена на нуклеарната фузија е сè уште далеку во иднината и дека фокусирањето исклучиво на оваа технологија може да биде преоптимистичко. Анека Кан од Универзитетот во Манчестер истакнува дека е неопходно да се користат и да се развиваат моментално достапните обновливи извори на енергија за да се одговори на актуелните енергетски предизвици, пишува Си-Ен-Ен.
Меѓународната агенција за енергетика предвидува дека потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци и вештачката интелигенција ќе расте експоненцијално, што ќе изврши дополнителен притисок врз веќе пренатрупаните енергетски системи ширум светот.
Можеби самата вештачка интелигенција ќе ни помогне во развивањето одржлив реактор за фузија? Според Алтман таа може да ни помогне во решавањето на климатското затоплување, а и да најде потенцијален лек за ракот.