САМО ДОСТОИНСТВЕНО НА ГРОБОТ НА ВЕЛИКАНОТ ГОЦЕ! Мицкоски апелира да не се подлегнува на провокации

Ниту една провокација не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава, туку оди само во полза на владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, и на нашиот источен сосед – рече Мицкоски.

137

Ги повикувам сите оние кои ќе се одлучат да одат в сабота на гробот на Гоце Делчев достоинствено да го чествуваат денот на неговото раѓање. Ние сме мирен, честит и достоинствен, библиски народ, кој знае да тагува и да празнува, но и народ кој знае да даде почит на луѓето кои ги почитува како што е великанот Делчев. Затоа ги повикувам сите на тој ден достоинствено да се поклониме во црквата Свети Спас во Скопје за да можеме да покажеме дека на овој народ местото му е во Европа каде што одамна треба да биде – апелираше денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој порача дека мирно чествување ќе има доколку МВР ги слуша апелите на граѓаните и добро се организира.
– Доколку има било каква несакана случка на 4 февруари тоа ќе биде грев на Владата и на МВР. Ги повикувам граѓаните да не подлегнуваат на провокациите кои секојдневно се присутни. Ниту една провокација на која ќе потпадне било кој граѓанин не оди во полза на македонскиот народ и на Македонија како држава, туку оди само во полза на владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, и на нашиот источен сосед – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на општина Карбинци.
Мицкоски истакна дека само со достоинствено чествување на денот треба да ги поразиме, како што рече, корумпираните полициски структури кои се обидуваат да го разединат македонскиот народ и додаде дека не треба да им дозволиме да успеат и да се враќаме назад. Тој рече дека има информации оти членови на ВМРО-ДПМНЕ биле повикувани во полициска станица на информативни разговори заради 4 февруари.
– Луѓе се повикувани и ќе бидат повикувани се до моментот додека оваа влада не замине. Не треба да создаваме паника. Ние сме навикнати и отпорни сме на сето тоа, бидејќи пет години живееме под политички терор на Владата на ДУИ и СДСМ. Месеци се во прашање кога многумина што го правеа ова ќе треба да дадат одговор. Потоа тие коишто ја злоупотребуваат таа позиција ќе треба да дадат одговори на многу прашања и тогаш ќе треба да бидат силни како што се сега – рече Мицкоски.

Поврзани содржини