САМО ДА НЕ ОСТАНЕ ДОБАР ПРОЕКТ НА ХАРТИЈА Бизнисот со душа чека државата да воведе е-фактура

Бизнисот очекува брза имплементација на системот и зајакнување на фискалната дисциплина. Една од придобивките на новиот систем ќе биде и намалувањето на ризикот за пријавување на неосновани барања за поврат на ДДВ и злоупотреба на буџетски средства преку измами со ДДВ поврат.

841

Управата за јавни приходи најавува воведување централен систем на е-фактура кој ќе ја намали даночната евазија и ќе ја подобри контролата на паричните текови во земјата, ќе им го олесни работењето на компаниите, но ќе влијае и на сивата економија која зафаќа меѓу 20 и 40% отсто од вкупната економија или речиси 1 милијарда евра од националниот бруто производ.

Бизнисот очекува брза имплементација на системот и зајакнување на фискалната дисциплина која покрај компаниите ќе ја опфати и државата како еден од субјектите во системот на плаќање, а економистите сметаат дека треба да се одбегне досегашната практика да се носат добри решенија кои не се применуваат во практика. Тие велат дека законски е-фактурата е веќе во примена под одредени услови но во практика таа речиси и да не се применува.






Се започна со соопштение од УЈП кое најави дека процесот на воведување систем на е-фактура се интензивира, дека се одржани состаноци со Министерството за финансии, Царинската управа и со ИТ компании на кои се разговарало за меѓусебна координација, размена на податоци, поврзување на постоечките државни електронски системи, како и можностите за приспособувањето на софтверите кај домашните фирми за да можат да го воведат системот е-фактура.

Од Управата најавуваат тестирање на системот веќе следната година по што ќе се знае кога ќе може таа да се применува.

Е-фактурата ќе биде основа за подобра финансиска дисциплина

Системот е-фактура, покрај придобивките за државата во однос на собирањето на даноците, ќе значи и придобивка за компаниите бидејќи очекуваат да се подобри финансиската дисциплина на државата и на фирмите кои одбегнуваат да плаќаат во дадените рокови.

– Е-фактурата треба да се воведе што е можно поскоро бидејќи државата така ќе ги наплати даноците. Паралелно со воведувањето на овој систем треба да се зајакне и примената на законот на финансиска дисциплина кој подразбира редовно намирување на обврските меѓу компаниите, но и на државата и на приватниот сектор. Посебно очекуваме државата да ги намирува обврските во утврдените рокови, бидејќи е познато дека и покрај обврската да ги има обезбедено парите при објавување на тендерите, подоцна таа доцни со исплатата на сработеното и се измислуваат најразлични начини исплатата да се одолговлекува. Што значи тоа за компаниите е добро познато, а познати се и сумите кои државата ги должи. Дополнително е важно да се воведе системот за да нема манипулации кои ги користат компаниите дека не е платена фактурата со најразлични изговори дека фактурата не е стигната во сметководство и слично. Со електронскиот систем тоа нема да биде можно бидејќи фактурата ќе се следи и лесно може да се види кога е издадена и каде е запрен процесот – вели претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски.

Тој очекува системот да се воведува во неколку фази во кои компаниите и сметководствените бироа ќе можат да се усогласат на новите правила.

– Може да се рече дека сметководителите не се подготвени за воведување на системот, но кога ќе се донесат роковите тие ќе мора да се усогласат. Очекувам системот да се воведува во неколку фази и за тоа да бидат дадени рокови. Вакви системи веќе има воведено и во нашето соседство каде што прво е-фактурата беше воведена за плаќањето кон државата, па потоа меѓусебно. Но ние можеме да си одбереме наш модел – вели тој.

Ангеловски очекува на овој начин да се намали и сивата економија која е најсилната конкуренција на компаниите кои ги плаќаат сите обврски кон државата.

Воведувањето на системот е-фактура доколку не остане само законска обврска и се воведе во практика ќе значи многу за финансиската дисциплина, но во однос на борбата со сивата економија се потребни и дополнителни мерки, вели Маријанчо Николов, економист и поранешен пратеник.

– И досега веќе постоеше е-фактура која беше дозволена со закон и имаше одредени услови да се применува, но таа малку или воопшто не се користи. Ако се воведе и добро се практикува, односно се имплементира, ќе биде добро за државата која ќе прибира голем дел од парите кои ги губи по разни основи, а на компаниите кои легално работат ќе им се олесни работењето. Во однос на сивата економија, не верувам дека ќе даде одредени ефекти, и сметам дека се потребни дополнителни мерки за да се намали овој вид економија, бидејќи голем дел на стоката сè уште се продава без издавање фактура. Токму тој дел е проблем за системот, па треба да се најде начин да се намали – вели Николов.

Николов очекува во процесот на подготовка и реализација на проектот да бидат вклучени сите заинтересирани субјекти, навреме да се завршат обуките и тестирањето на системот за да може подоцна да функционира без проблеми.

И сметководителите ја чекаат со душа

И од сметководствените бироа со кои контактираше Плусинфо велат дека овој систем се очекува веќе неколку години, бидејќи ќе им ја олесни работата.

Од Управата за јавни приходи велат дека интензивно се работи на проектот. Веќе се направени и првите контакти со институциите кои ќе бидат вклучени во системот и компаниите кои треба да ја подготват инфраструктурата.

– Управата за јавни приходи е во фаза на формирање проектен тим кој ќе изработи патоказ и акциски план за сите проектни активности а ќе се знаат и сите рокови. Процесот на воведување е-фактура ќе вклучи изработка на спецификација и набавка на потребните ИТ компоненти (хардвер и софтвер), подготвување регулатива (како орган во состав на Министерството за финансии ќе предлага измени на законска регулатива доколку за тоа има потреба), развивање софтвер, тестирање на системот со крајните корисници и сл. Тоа се меѓусебно поврзани и условени активности кои ќе бидат детално планирани со рокови – велат од УЈП.

Оттаму велат дека е-фактура ќе биде нова дигитална услуга која ќе го олесни деловното работење на компаниите, а од аспект на даночниот процес овој систем ќе обезбеди податоците за оданочливите промети да доаѓаат до УЈП во реално време и да има точно пресметани даночни обврски.

– Со овој проект ќе се имплементираат посигурни системи за известување и е-услуги односно, нови дигитални решенија: е-фактура, е-плаќање, е-издавање документи, кои ќе овозможат поврзаност и комуницирање на УЈП со „природните“ системи на даночните обврзници и преземање трансакции, односно, процесите на оданочување и известување до УЈП ќе се инкорпорираат во системите на даночните обврзници како вграден дел од нивното бизнис работење. Пресметувањето на даночните обврски на некој начин ќе биде интегрирано во самото деловно работење, во системите на даночните обврзници кои ќе бидат поврзани со УЈП. Ваквите нови дигитални решенија, ќе ги вклучуваат во себе правилата за пресметување на данокот, тоа ќе биде гаранција дека данокот ќе биде пресметан точно, во точен износ, а известувањето до УЈП ќе се случи во реално време, тогаш кога настанува оданочливиот промет, или приход – велат од УЈП.

Вмрежување на компаниите со државните институции

За да биде процесот успешен од УЈП велат дека новиот систем ќе биде дизајниран внимателно, ќе биде едноставен за да може да го користат сите даночни обврзници и ќе биде безбеден.

– Системот ќе овозможи поврзување, односно еден вид вмрежување на компаниите, Управата за јавни приходи, Царината, Министерство за финансии, како и други страни. Преку овој систем, во реално време, ќе поминуваат сите трансакции што претставуваат издавање фактура или друг соодветен документ кој се однесува на настанат промет на добра и услуги меѓу даночни обврзници. Исто така со помош на овој систем ќе се овозможи, УЈП да ја изготвува ДДВ пријавата (како однапред пополнета даночна пријава) и во неа да ја пресметува обврската за ДДВ или повратот на ДДВ за секоја компанија или даночен обврзник, со што даночните обврските за ДДВ ќе бидат точно пресметани врз основа на податоците од е-фактурите – велат од УЈП.

Една од придобивките на новиот систем ќе биде и намалувањето на ризикот за пријавување на неосновани барања за поврат на ДДВ и злоупотреба на буџетски средства преку измами со ДДВ поврат.

Од УЈП сметаат и дека преку обврската за издавање на фактурите преку овој систем ќе се направи своевиден притисок врз компаниите да не можат да прифатат деловни трансакции со нерегистрирани фирми, односно овој механизам ќе има влијание и врз намалување на некои појавни форми на сивата економија.

Исто така, се очекува подобрување на поврзаноста со Министерството за финансии и Царинската управа и размената на информациите.

– Ова значи, особено поврзувањето со Министерството за финансии да се подобри размената која е поврзана со следење на трезорската сметка, а од Царинската управа преку системот е-фактура во УЈП да се вчитуваат податоците од царинските декларации во реално време – велат од УЈП.

Во однос на тоа кога ќе почне примената на системот, од УЈП немаат јасен одговор.

– Процесот на воведување е-фактура е системски и во него се вклучени повеќе засегнати страни како УЈП, консултанти, останати институции кои треба да го подготват, да го развијат софтверот, да го тестираат системот со крајните корисници и сл. Сите овие процеси бараат време, но и точно планирани активности со цел следење на активностите и процесот бидејќи се меѓусебно поврзани и условени активности истите ќе бидат детално планирани со рокови. Согласно активностите што ги презема УЈП планира системот е-фактура да го развива и тестира во 2025 година – велат оттаму.

Системот е-фактура го применуваат повеќе земји во светот. Од соседството веќе се применува во Србија која е една од првите земји кои почнаа да го применуваат овој систем. Според одредени податоци, системот е-фактури најмногу се користи во Данска 75%, Финска 55% и во Шведска 45%.

 

Системот е-фактура да содржи потсистем е-залихи

 

Воведувањето е-фактура и е-фискална сметка го предлагаат и авторите на студијата „’Сивиот дел’ на македонската економија: големина, импликации, решенија“ Павле Гацов, Александар Стојков и Зоран Јовановски (2023) како дел од мерките за борбата против сивата економија.

Препорачливо е во националниот портал е-фактура да се инкорпорира и потсистем е-залихи кој ќе ги следи залихите на производите со што ќе се спречи манипулација на даночните обврзници и ќе се воведе контрола врз увозот на сите добра и начинот на пренос на залихите на следните во низата, предлагаат авторите.

Според нивните видувања, електронската фактура надворешно би била во pdf формат, а внатрешната структура би била дефинирана во html формат. Таа би содржела и временски жиг и би патувала по сигурносните канали SSL и TLS, би се преземала преку линк или со директен пристап од самиот портал за е-фактурирање.

Тие предлагаат овој систем да биде под контрола на УЈП, на Министерството за финансии или на друг правен субјект со јавни овластувања кој ќе го управува, надградува и одржува.

Системот би се користел за издавање, испраќање, прием и чување на електронските фактури.

„Електронската фактура чие прифаќање во определен рок нема да биде одбиено ќе се смета за прифатена од примателот на фактурата кон кого е извршен прометот. Податоците од овој систем ќе подлежат на систем на заштита на податоци. Субјектите издавачи, е-фактурите ќе ги чуваат во рок утврден со друг закон, во е-формат или во хартиена форма“, се објаснува во Студијата и се додава дека овој систем ќе им заштеди време и пари на компаниите и на државата и ќе ја подигне ефикасноста на деловното работење во земјава.

Авторите предлагаат компаниите да го користат овој систем бесплатно.

Поврзани содржини