„САКАМЕ МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ УНИТАРНА, ЗАЕДНИЧКА И ЕДНАКВА ДРЖАВА“ Ахмети тврди дека не зборувал за поделби, медиумите погрешно го пренеле
ДУИ сака да потсети дека и покрај сите напади и пропаганда во изминатите децении, останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина, се вели во реакцијата на ДУИ.
ДУИ најостро реагира на тенденциозните наслови и интерпретации кои се појавија во дел од медиумите, со тврдења за наводна поделба на државата. Таквите квалификации се неточни и искривуваат јасна и недвосмислена порака, реагираше партијата на Али Ахмети преку соопштение.
„Во изјавата беше потенцирано дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија, без притоа воопшто да се спомене поделба. ДУИ сака да потсети дека и покрај сите напади и пропаганда во изминатите децении, останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина. Апелираме до медиумите за професионално и одговорно известување, кое нема да поттикнува погрешни перцепции и недоразбирања кај граѓаните“, се вели во реакцијата.
Инаку, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа од Тетово му се обрати директно на премиерот Христијан Мицкоски, предупредувајќи го дека евентуалното скршнување од патот кон ЕУ ќе предизвика поделби на Македонија.
„Ако не го продолжи Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија!“, објави информативниот портал на албански јазик Тетова сот во својата вест со наслов „Али Ахмети: Ако Македонија не влезе во ЕУ, тогаш некои ќе бидеме со Бугарија, некои со Албанија (ВИДЕО)“
Во меѓувреме, Демократскиот сојуз го повикува Јавниот обвинител да отвори истрага и да покрене соодветна постапка против Али Ахмети за загрозување на уставниот поредок на државата и нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет.
„Најновата закана на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека доколку Македонија не го продолжи својот пат кон ЕУ, дел од граѓаните ќе одат со Албанија, а другите со Бугарија, е директна закана за територијалниот интегритет на државата и повик за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија. Претседателот на ДУИ, барајќи спас од кривичен прогон на неговата одметната криминална партиска врхушка, веќе подолго време работи на поделба на граѓаните – на оние кои се наводно определени за европскиот пат и оние кои се божем против. Притоа сака да прикаже дека Македонците, за разлика од Албанците, не сакаат членство на државата во ЕУ. Но откако не успеа да докаже дека ДУИ е ексклузивен легитимен претставник на Албанците во власта, Ахмети реши да отиде чекор подалеку – и да ги повика Албанците да одат во ЕУ со Албанија, а Македонците – со Бугарија!? Ова, меѓу другото е и злонамерна сугестија на поранешниот командант на УЧК, дека мнозинството Македонци би прифатиле да станат Бугари само заради членство во ЕУ“, се наведува во реакцијата на Демократскиот сојуз.