САД вложуваат над 3 милијарди долари во развој на антивирусни лекови против ковид-19
Таблетите за лекување ковид-19, што ќе се користат за ублажување на симптомите по инфекцијата, се во развој и може да почнат да пристигнуваат до крајот на годината, во зависност од завршувањето на клиничките испитувања.
САД ќе инвестираат 3,2 милијарди долари за да го унапредат развојот на антивирусни таблети против ковид-19 и други опасни вируси кои можат да се претворат во пандемии.
Главниот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, денеска во обраќањето во Белата куќа ја објави оваа инвестиција како дел од новата „антивирусна програма за пандемии“. Програмата е насочена кон развој на лекови за симптоми предизвикани од потенцијално опасни вируси како што е коронавирусот.
Таблетите за лекување ковид-19, што ќе се користат за ублажување на симптомите по инфекцијата, се во развој и може да почнат да пристигнуваат до крајот на годината, во зависност од завршувањето на клиничките испитувања. Средствата ќе ги забрзаат овие клинички испитувања и ќе обезбедат дополнителна поддршка за истражување, развој и производство на приватниот сектор.
Фаучи рече дека преку новата програма ќе се инвестира во забрзување на работите што веќе се во тек, но и за работа на иновативни нови терапии за други вируси.
– Постојат неколку лекови за многу вируси што имаат пандемски потенцијал – нагласи Фаучи, но додаде дека вакцините остануваат клучни во арсеналот на САД против таа болест.