САД ИТНО ЌЕ ТЕСТИРААТ НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ Путин се пофали со „Посејдон“, Трамп издаде наредба до Министерството за војна

Поради тестирањето на програмите од други земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа. Тој процес ќе почне веднаш, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

554

Соединетите Американски Држави веднаш ќе почнат да тестираат нуклеарно оружје, најави американскиот претседател Доналд Трамп во објава на неговата платформа Трут соушл.

„Соединетите Американски Држави имаат повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја. Ова беше постигнато, вклучително и со целосното ажурирање и реновирање на постојното оружје, за време на мојот прв мандат. Поради огромната деструктивна моќ, МРАЗЕВ да го направам тоа, но немав избор! Русија е втора, а Кина е на далечно трето место, но ќе биде рамноправна во рок од 5 години. Поради тестирањето на програмите од други земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа. Тој процес ќе почне веднаш. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање“, објави денеска Трамп.






Тој не прецизираше кое оружје ќе биде тестирано.

Фото: Принтскрин

 

Американските медиуми објавија дека претседателот изјави дека денуклеаризацијата би била „огромна работа“, но повтори дека продолжувањето на нуклеарните тестови по 30-годишниот мораториум е „соодветно“.

– Се чини дека сите тие спроведуваат нуклеарни тестови. Имаме повеќе нуклеарно оружје од кој било друг. Ние не тестираме… но ако другите тестираат, мислам дека е соодветно и ние да го правиме тоа – им рече Трамп на новинарите во разговор во претседателскиот авион „Ер форс уан“.

Тој не даде детали за тоа кога или каде ќе се одржат американските нуклеарни тестови.

– Имаме места за тестирање. Ќе биде објавено.

На прашањето дали е загрижен за влегувањето на САД во поризична нуклеарна средина, Трамп вели дека „ тоа го имаме под контрола доста добро“.

– Би сакал да видам денуклеаризација. Всушност, разговараме за тоа со Русија, а Кина би била вклучена ако направиме нешто – изјави Трамп.

Во извештај од август на Конгресната истражувачка служба се вели дека на САД ќе им бидат потребни 24 до 36 месеци за да спроведат нуклеарен тест откако претседателот ќе ја издаде наредбата.

Ниту една од трите големи нуклеарни сили – Русија, САД и Кина – не спровела нуклеарен тест од 1996 година, кога Кина последен пат го стори тоа. Последниот нуклеарен тест на Русија беше во 1990 година, а САД последен пат детонираа нуклеарна направа во 1992 година.

Сепак, светските нуклеарни сили продолжуваат да развиваат и да тестираат системи за испорака на нуклеарни боеви глави.

Американскиот претседател го објави статусот за тестирање на нуклеарното оружје кратко пред планираниот состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја. Кина е, исто така, воспоставена нуклеарна сила.

Според извештајот на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), во моментов има 9 нуклеарно вооружени држави: САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство, Франција, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел.

Неколку дена претходно, рускиот претседател Владимир Путин ја нагласи воената нуклеарна сила на Русија, за време на состанокот со неговиот генералштаб во команден центар на непозната локација.

Путин рече дека војската постигнала бројни успеси во војната против Украина и потврди дека тестирањето на нуклеарната ракета со долг дострел „Буревестник“ било успешно.

Според руските власти, ракетата „Буревестник“ беше тестирана на 21 октомври за време на неодамнешната вежба на руските стратешки нуклеарни сили.

Путин зборуваше и за нуклеарната подморницата „Посејдон“ и нејзината ракетна моќ, која, како што рече „значително ја надминува ракетната моќ на нашата најперспективна интерконтинентална ракета Сармат“.

– Нема друга ракета како „Сармат“ во светот. Сè уште не е влезена во борбена должност, но наскоро ќе влезе – рече Путин.

Поврзани содржини