САД ЌЕ ВОВЕДАТ БЛОКАДА НА ИРАНСКИТЕ ПРИСТАНИШТА Американската морнарица ќе пресретнува бродови што му плаќаат такси на Иран за користење на Теснецот

Командата ЦЕНТКОМ соопшти дека од 10 часот (14:00 по Гринич) ќе биде блокиран целиот поморски сообраќај кон иранските пристаништа. Иранските вооружени сили ги оценија американските ограничувања за бродовите во меѓународните води како „пиратство“.

155

САД од денеска ќе воведат блокада на иранските пристаништа со цел да се спречи движењето на бродови по клучната рута за транспорт на нафта и гас, објави претседателот Доналд Трамп. Тој најави „целосна блокада“ на Ормуската Теснина по неуспешните мировни преговори со Иран.

Командата ЦЕНТКОМ соопшти дека од 10 часот (14:00 по Гринич) ќе биде блокиран целиот поморски сообраќај кон иранските пристаништа. Како што се наведува, блокадата ќе се спроведува „непристрасно“ за бродови од сите држави. Истовремено, ќе се овозможи слободна навигација за бродовите што транзитираат низ Ормуската Теснина кон пристаништа кои не се наоѓаат во Иран.






Трамп изјави дека американската морнарица ќе пресретнува бродови што му плаќаат такси на Иран за користење на Теснецот, нагласувајќи дека „никој што плаќа нелегален надомест нема да има безбеден премин“. Целта на оваа мерка е да се спречи Иран да наплаќа транзитни такси и да се намалат неговите приходи од нафта. Трамп најави дека блокадата може да биде ублажена доколку се обезбеди безбеден премин за сите бродови.

Ескалацијата следува по повеќе од 20 часа преговори во Исламабад, со посредство на Пакистан, кои завршија без договор. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Техеран ја одбил конечната понуда.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи оцени дека САД применуваат „максимализам“ и променливи услови, додека претседателот Масуд Пезешкијан го обвини Вашингтон за „двојни стандарди“ во разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Иранските вооружени сили ги оценија американските ограничувања за бродовите во меѓународните води како „пиратство“, по заканата на Доналд Трамп за блокада на пловилата што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.

Портпарол на армијата изјави дека Иран ќе воведе „траен механизам“ за контрола на Ормуската Теснина, додавајќи дека пристаништата во Персискиот Залив треба да бидат достапни „или за сите или за никого“. Тој предупреди дека ниту едно пристаниште во Персискиот или во Оманскиот Залив нема да биде безбедно доколку иранските пристаништа бидат загрозени.

Командантот на иранската морнарица, Шахрам Ирани, ја исмеа заканата на Трамп, наведувајќи дека морнарицата „ги следи сите движења на американските сили во регионот“. „Заканите на американскиот претседател, по понижувачкиот пораз на неговата војска во третата наметната војна, се смешни“, се наведува во изјавата.

Поврзани содржини