САД ЌЕ Ѝ ИСПРАТАТ НОВО ОРУЖЈЕ НА УКРАИНА Одобрена продажба во вредност од 322 милиони долари, со фокус на воздушната одбрана
Предложената продажба, која веќе е пријавена до Конгресот, опфаќа 150 милиони долари за испорака, сервисирање, поправка и за целосна ревизија на американски оклопни возила, како и 172 милиони долари за противвоздушни ракетни системи.
Стејт департментот соопшти дека одобрил продажба на оружје во вредност од 322 милиони долари за Украина, со цел да се зајакнат нејзините капацитети за противвоздушна одбрана и да ѝ се обезбедат оклопни борбени возила – во време кога земјата се обидува да се одбрани од засилените руски напади, објави Асошиејтед прес.
Предложената продажба, која веќе била пријавена до Конгресот, вклучува 150 милиони долари за испорака, одржување, поправка и за генерална ревизија на американски оклопни возила, како и 172 милиони долари за системи за противвоздушни ракети.
Овие одобренија доаѓаат само неколку недели откако секретарот за одбрана Пит Хегсет нареди пауза во другите испораки на оружје за Украина, за да му се овозможи на Пентагон да направи проценка на сопствените резерви на вооружување – потег кој ја изненади Белата куќа. Потоа претседателот Доналд Трамп ненадејно ја смени својата позиција и на почетокот на месецот јавно вети дека САД ќе продолжат да ѝ испраќаат оружје на Украина.
– Мораме да го направиме тоа. Тие мора да можат да се бранат. Сега се под силни удари. Ќе испратиме уште оружје, претежно одбранбено – рече Трамп.
Трамп неодамна даде поддршка на план според кој европските сојузници би купувале американска воена опрема која потоа би се пренесувала во Украина. Засега не е јасно дали најновата предложена продажба е поврзана со тој договор.
Откако Русија ја започна целосната инвазија врз Украина во февруари 2022 година, САД ѝ имаат обезбедено повеќе од 67 милијарди долари во оружје и безбедносна помош на Киев.
Откако Трамп се врати на власт, неговата администрација постојано колеба околу тоа дали да обезбедува дополнителна воена помош за Украина, под притисок од изолационистичките струи во самата администрација и во Конгресот, кои се залагаат за запирање на американското финансирање на странски војни.
Во текот на војната, САД постојано вршеа притисок врз сојузниците да ѝ обезбедат системи за противвоздушна одбрана на Украина. Но, многу земји се неволни да се откажат од високотехнолошките системи, особено оние од Источна Европа кои самите се чувствуваат загрозени од Русија.